1016 hPa
87 %

11 °C
Скопје - Сре, 23.04.2025 01:28
На крајот од својата педесет и осма седница во петокот, UN Human Rights Council усвои две резолуции презентирани од Државата Палестина, со кои се потврдува незаконитоста на израелските колонијални практики на окупираната палестинска територија, вклучително и источен Ерусалим, и се поддржува неотуѓивото право на палестинскиот народ на самоопределување.
Резолуциите беа усвоени според точката седум од дневниот ред на Советот, која се однесува на состојбата со човековите права на окупираната палестинска територија. Триесет и четири нации гласаа за резолуцијата во врска со незаконитоста на колонијалната експанзија (A/HRC/58/L.32/Rev.1), додека 10 беа воздржани и три беа против.
Во однос на резолуцијата за правото на палестинскиот народ на самоопределување (A/HRC/58/L.31), таа доби поддршка од 43 земји, при што две нации беа против, а две воздржани од гласањето.
Против двете резолуции беше и државата која до ден денешен има проблеми со соседите за своето име, за својот јазик, за својата историја (па и територија), на која ѝ беше ускратено правото на самоопределување и мораше во еден историски преседан да потпише документ со кој прифаќа географска одредница и услови наметнати од нејзина соседна држава, и која за влегување во европскиот сојуз на држави има дополнителни формални пречки односно услови поставени од друга нејзина соседна држава. Тие две соседни држави не го признаваат нејзиното малцинство во своите граници, иако се членки на ЕУ. Да, тоа е Република Македонија, за чии државни функционери не важи принципот на солидарност помеѓу малите и угнетените, не важи страдањето на невините, заборавајќи на неброените жртви за зачувување на посебноста, правото на самоопределување и конечно правото на самостојна држава на македонскиот народ на дел од својата историска територија.
На страницата на Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia стои дека шефица на Постојната мисија на Македонија во ОН во Женева е Теута Агаи Демјаха, но таа беше отповикана од функцијата кон средината на ноември минатата година со одлука на Gordana Siljanovska Davkova. Не е познато кој гласал во име на државата.
Во некои други времиња, како членка на Специјалниот комитет за Палестина при Обединетите Нации (UNSCOP) СФР Југославија (чија конститутивна единка беше и Македонија) го поддржа усвојувањето на таканаречениот малцински план во август 1947 година, заедно со Индија и Иран, исто така членки. Планот предвидуваше формирање на Федерална држава Палестина која ќе се состои од арапска и еврејска држава. Во согласност со ова, населението на Палестина би избирало конститутивно собрание, чија основна цел би била усвојување на Уставот на новата Федерална држава. Планот, исто така, вклучуваше создавање на единствена палестинска националност и државјанство што ќе им се даде на Арапите, Евреите и другите етнички групи. Таквиот предлог наликуваше на сопствениот историски пат на Југославија: создавање на поствоено конститутивно собрание формално избрано од целото југословенско население и создавање на Федерална држава.
По основањето на Движењето на неврзаните во 1961 година, Југославија се занимаваше со палестинскиот проблем на три нивоа: дејствувајќи во рамките на Движењето на неврзаните и Обединетите Нации; снабдувајќи ги со директен материјал и логистика палестинските организации; и преку нејзините дипломатски врски со различни меѓународни субјекти со цел да помогне во легитимирањето на позицијата на ПОО како правен застапник на палестинскиот народ. Првиот Самит на неврзаните во Белград во 1961 година го поддржа „целосното враќање на сите права на арапскиот народ во Палестина“. Но, овој термин беше прилично двосмислен и не го дефинираше значењето на палестинските права, како што беше случајот со појасната резолуција од Казабланка која бараше враќање на „сите легитимни права“ на Арапите од Палестина. На вториот самит во Каиро во 1964 година, поголем акцент беше ставен на палестинскиот проблем со поддршка на „неотуѓивото право на Палестинците на самоопределување во нивната борба против колонијализмот и расизмот“.
Од поранешните југословенски републики, Палестина ја признале: Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Македонија, која повеќе наликува на вазална држава, отколку на самостојна и суверена, во континуитет оди спротивно на здравиот разум и сопственото историско искуство. Како да очекуваме светот да застане на наша страна, да има разбирање за нашиот проблем, кога нашите претставници во меѓународните организации даваат поинаков пример?
Карикатури: Tjeerd Royaards