Баша останува лидер на Демократската партија

Основниот суд во Тирана одлучи дека лидер на албанската опозициска Демократска партија е Љуљзим Баша, кој на оваа функција е од 2013 година, откако се повлече Сали Бериша, по поразот на парламентарните избори.

Со тоа, судот го отфрли барањето на Националниот совет на крилото на Бериша, кое сега го предводи пратеникот Газменд Барди, за бришење на Баша од судскиот регистар, каде стои неговото име како претседател на партијата.

Во исто време судот го отфрлил барањето доставено од шест пратеници и за нелегитимен го прогласил Националниот совет свикан од Барди во јули 2023 година.

На крилото на Бериша „Иницијатива за обнова на ДП“ легитимност не му призна ни Централната изборна комисија, за локалните избори што се одржаа во мај минатата година. Право на учество со партиското лого и печатот имаше Баша, додека останатите демократи настапија под логото на Партијата на слободата на Илир Мета.

Расколот во редовите на демократите почна во септември 2021 година, откако Баша од партијата го исклучи Бериша, кој во мај, истата година, САД го прогласи за непожелна личност.