Шефот на руското ФСС тврди дека покрај уапсените има и други соучесници во нападот

Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Шефот на руската Федерална служба за безбедност (ФСС), Александар Бортников, денеска соопшти дека, покрај приведените единаесет лица осомничени за директна вмешаност и соучесништво во нападот во регионот на Москва на 22 март, има и други инволвирани, чиј број ќе продолжи да расте, објавија британските медиуми, цитирајќи руски новински агенции.

Според последните податоци, најмалку 139 лица загинале во нападот во петокот вечерта во концертната сала „Крокус Сити Хол“ во рускиот град Красногорск во московскиот регион.

Според директорот на ФСС зад нападот за време на концертот на руската група „Пикник“ стојат САД, Велика Британија и Украина, пренесуваат руските медиуми. Украина ги отфрли обвинувањата на Русија за соучесништво во нападот, за кој одговорноста ја презеде џихадистичката група „Исламска држава“ уште во петокот вечерта.

-Сметаме дека е така, одговори директорот на ФСС, цитиран од руските медиуми, на новинарско прашање дали САД, Велика Британија и Украина стојат зад нападот во Красногорск.

По продолжениот состанок на Генералното обвинителство на Русија, Бортников додаде дека „останува заканата од терористички акти на територијата на Русија“.

Тој потсети дека ФСС претходно спречи терористички акти на Украинската главна управа за разузнавање (ГРУ) и Службата за безбедност на Украина (ССУ) на територијата на руските региони кои граничат со Украина, како и на други места.

На новинарско прашање дали Украинската ССУ треба да се признае како „терористичка организација“, Бортников одговори: „Се разбира, тоа треба да се направи. Мислам дека има причина за ова. Не само да се признае, туку и да се преземе соодветната одлука“.

-Оние кои вршат злосторства против Русија и руските граѓани се наша легитимна цел, рече Бортников.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот