Се ближи периодот за враќање во училишните клупи, а со тоа доаѓаат и стресот и вознемиреноста кај родителите и децата. Добрата вест е дека малку планирање може да ја олесни подготовката, вели семејниот терапевт Гајан Арамјан.

„Во текот на летото родителите ги кршат правилата. Го знам тоа затоа што и јас гледам повеќе телевизија од вообичаено. Но, пред да почне училиштето, подготовката и рутината се клучни“, вели таа.

Ова се трите совети што таа им ги дава на родителите кои сакаат да ги подготват своите деца за успешно враќање на училиште.

Почнете да ја менувате утринската рутина неколку недели однапред

Ако одеднаш почнете да го терате вашето дете да легнува порано или да го намалувате времето поминато пред телевизорот, можете да го збуните и ќе се чувствува како да го казнувате.

„Треба однапред да му ги објасните промените на детето. Започнете ги промените две до три недели пред да почне училиштето. Почнете да го будите детето порано, изберете облека за новиот ден претходната вечер, наградете го детето кога ќе ги заврши сите задачи“, советува Арамјан.

Ако вашето дете тргнува во прво одделение, можете да набавите книга која на забавен начин ќе опише што да се очекува од новата рутина.

Контролирајте ја анксиозноста од разделувањето со вашето дете (и вашата и неговата)

Според „Stanford Medicine“, речиси сите деца на возраст од 18 месеци до три години имаат одредено ниво на анксиозност од разделување. Повеќето деца ја надминуваат анксиозноста, но околу 3 отсто од нив ја доживуваат во основно училиште, покажуваат податоците на Детската болница во Филаделфија.

„Тоа е нормален дел од развојот на детето. Кога ќе го однесете вашето дете на училиште, кажете му дека ќе се вратите да го земете. Дури и ако изгледа очигледно, важно е да го кажувате тоа секој ден“, забележува Арамјан, која советува да не ја проектирате вашата вознемиреност врз детето.

„Ако плачете, ќе плаче и детето“, додава таа.

Внесувајте доверба во вашето дете, дури и кога ќе згреши

Притисокот за успех на училиште може да биде стресен за децата. Затоа Арамјан апелира до родителите да се обидат да му влеат доверба на детето, дури и кога тоа прави грешки.

„Разговарајте со детето за тоа што го мачи, со што се бори. Прашајте го како можете да му помогнете. Самодовербата е покорисна од притисокот да се редат само петки“, тврди терапевтот.

Националната асоцијација за образование на САД во една статија објавила дека учениците имаат поголема веројатност побрзо да апсорбираат материјал, да научат да разбираат, да бараат помош и да зборуваат пред класот кога имаат самодоверба.

Извор



912

X