Сакам да патувам, но додека да го поминам обезбедувањето на аеродромот, ми треба да испијам една голема чаша вино, силна прегратка и место за да се одморам кое ќе го добијам веднаш – а можеби и терапевт. Погледот на луѓето кои се движат низ линиите на аеродромот ми предизвикува вртоглавица, а метежот и организациските вештини за справување со моите деца, како и со документите, во комбинација се невозможна мисија. Поднесувањето на сите други сетилни податоци ја преоптоварува секоја педа од мојата психа, како мајка со аутизам.

Во мојот мозок има невродивергенција, што значи дека имам мозок кој работи на начин кој можеби не е вообичаен или невротипичен. Секако, постои очекувано ниво на анксиозност што најмногу го доживуваме при патување, но до овој степен до кој јас и другите невродивергентни поединци го доживуваме? Не би рекла ни дека е блиску. И тоа не е вознемиреност насочена околу можниот пад на авионот. Станува збор за она што се случува во моето тело додека влегувам во автоматските врати на аеродромот: преоптоварување на сетилата.

Мојата внатрешна телесна температура се менува на две минути. Преминувам од топло на ладно само додека се смеам и се обидувам да бидам љубезна со работниците на аеродромот. Не знам што следува на мојата екскурзија низ аеродромот и барам место за да испијам ладна пијачка, или пак шолја топло кафе, за да ми помогне во дисбалансот на температурата. Дали сум сама во целата оваа возбуда и силен страв? Бидејќи бев љубопитна да слушнам од други аутисти и родители на аутистични деца, ја прашав мојата пријателка Кристал Прашад, колешка, која е мајка на аутистичен син по име Ронин – како се подготвува за патувања.

Таа ми кажа дека буквално му ги пакува речиси сите предмети од преносливата сензорна просторија кога одат на патување, а тоа му помага да ги задоволи своите потреби: ЛЕД-светла, сензорна корпа, перници, ќебе и слично. Џон Скот Велс, мој пријател актер, исто така има син со аутизам. Тој целосно ги избегнува аеродромите и авионите поради тоа што знае дека секое такво искуство ќе биде непредвидливо, па вели: „Кога летаме, тогаш сме на милост и немилост на авиокомпанијата“. Тој ми го кажа првото такво искуство на аеродром – морале да чекаат повеќе од пет часа на нивната порта кога се враќале.

Секој заслужува пријатни искуства од патување. За таа цел, различни организации работат на тоа – да им го олеснат патувањето на невродивергентните луѓе.

На аеродромите

„Култур сити“ е водечка непрофитна организација која има цел да ги направи местата и просториите на аеродромите сензорно инклузивни. Има и аеродроми и авиокомпании кои обезбедуваат слични услуги. Целта е да се создадат овие простории низ аеродромот (на пример, веднаш по обезбедувањето), каде што можете да се релаксирате пред да продолжите со патувањето.

На крстосување

Ако сакате да одите на крстосувања, размислете да резервирате на „Карнивал“, единствената линија за крстосување сертифицирана за сензорна инклузија, што значи дека нивниот персонал е свесен за невидливите попречености како што се аутизмот, АДХД, анксиозност/паника и деменција, делумно благодарение на нивното партнерство со „Култур сити“.

За пребарување

Проверете ја страницата „AutismTravel.Club“ онлајн. Тоа е веб-страница која обезбедува листа со хотели и атракции кои имаат обучен персонал во ваква смисла.

Иако сигурно ни претстои долг пат за да го направиме светот поинклузивно место, сепак се воведени олеснителни работи. Има многу организации кои работат на тоа да им олеснат на ваквите семејства, да патуваат кога сакаат и до каде сакаат.

Автор: Мег Рејби

Извор



912

X