Разговор со Долорес Атанасова-Лори, авторка на книгата „Сега ТИ стануваш ЈАС“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје

Во четврток 09.05.2024 година со почеток од 19 часот во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје- Спомен соба “Т’га за југ” ќе се одржи разговор со поетесата Долорес Атанасова-Лори, авторка на книгата на месецот „Сега ТИ стануваш ЈАС“, која е дел од кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори.

Сега ТИ стануваш ЈАС“ (издание на @Чудна шума) е последната книга од вториот циклус на кампањата на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје за промоција и поддршка на македонските писатели и на македонскиот јазик.

Погледни го човекот во себе и погледни го човекот во другиот, и ќе видиш се’ што сме направиле и се’ што би можеле да направиме, не сме ние толку различни еден од друг, повеќе сме исти на различен начин. Во нас живее се’ од секого, нештп од тоа е будно, нешто заспано, ние сме она што одбираме да го разбудиме во нас – стои во белешката од авторката @D.a. Lori

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски. 

Д.А.Лори својата прва збирка поезија „Будење во трето лице еднина“ ја издава во 2014 година. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“ (ИК Антолог), во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“. Добитник е на наградата ֦Тодор Чаловски֞ за 2019 година, по што излегува четврта книга ֦Ќе фатит бран”. Нејзини песни се објавувани во поетската збирка 100.000 поети за промена и е-книгата Поетискон, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, и Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет. Поезијата на Д.А.Лори е исто така објавена во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“. Таа е добитник на интернационалната награда на Антево Слово, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација Ангело ла Векија. Во 2020 за книгата поезија „Небо во кафез“, беше во првите пет номинирани за наградата Браќа Миладиновци“ на Струшки вечери на поезијата. Нејзините стихови се преведени на германски, англиски, српски, хрватски, италијански и шпански.

За кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори ГБСК на неодамна одржаниот Саем на книгата го доби признанието Промотор на читачката култура што го доделува @Македонска асоцијација на издавачи (МАИ).