„Панкреас“ и „мајка“ се двата збора што никогаш не сакав да ги слушнам во иста реченица.

Или телефонски повици кои почнуваат со „Добро сум, не грижете се“. Нејзината желба да не биде товар за мене за малку не успеа за време на една бурна ноќ.

Откако уживав во прекрасната вечера со моето семејство, ветрот го искриви чадорот на мајка ми токму кога таа почна да ја преминува улицата со четири ленти на „Апер вест сајд“ на Менхетен. Силниот ветер буквално ја фрлил на земја. Ѕирнав низ мојот прозорец од петнаесеттиот кат за да видам дали таа се качила во автобусот на крстосницата или сè уште стои на поројниот дожд. Тогаш ја видов како лежи на сред пат додека автомобилите и автобусите поминуваа во двете насоки.

За среќа, додека стигнав до тротоарот, две лица веќе ѝ помогнале. Неколку часа подоцна, по брзото возење со амбулантно возило до болница, ја прашав зошто не го замолила вратарот од зградата да ѝ помогне да влезе во такси. „Не сакав да му пречам на Хуан, врнеше многу силен дожд, не сакав да се намокри“.

Таа мораше да биде независна на многу начини бидејќи е „CODA“ – дете на глуви родители. Бидејќи двајцата нејзини родители не слушале, таа беше ушите на семејството. Ова ја ставило во многу ситуации каде што била оптоварена со обврски кои честопати биле далеку над нејзините можности согласно возраста. Затоа може да се каже дека мајка ми порасна многу брзо.

Исто така, во последните девет години од животот на татко ми, тој претрпе пет мозочни удари. Секојпат тој херојски се бореше да си ги поврати подвижноста и говорот, никогаш не губејќи го својот оптимизам. Мајка ми беше суштински негувател, секогаш го поддржуваше и се фокусираше на тоа секој ден да му биде исполнет.

На татко ми му беа потребни старатели 24/7 за да му помогнат во секојдневните активности, како што се одење во тоалет, туширање, како и легнување и станување од креветот. Сепак, низ сето тоа, мајка ми несомнено беше неговата емотивна старателка и ѕвезда водилка.

Понекогаш зборував со мајка ми неколку пати на ден за да го зајакнам нејзиниот дух. Честопати прашував дали и таа ќе оди на лекар, но секогаш велеше дека нема време да оди на други прегледи освен на оние за татко ми. „Распоредот на татко ти нѐ држи зафатени цела недела!“, велеше.

Кога татко ми почина, мајка ми влезе во нова фаза од животот. Мораше самата да сфати која е. Да научи како да живее целосно и да сфати што го мотивира нејзиното срце да пее, иако љубовта на нејзиниот живот повеќе не беше покрај неа. Откако била во брак со истиот маж 59 години, таа не е заинтересирана да излегува, ниту да се гледа со некој нов човек – едноставно тоа е надвор од нејзината комфор-зона.

Наместо тоа, решивме дека е во нејзин најдобар интерес да продолжи да се дружи. Така, решив јас да одам во потрага по 70-годишни жени кои можат да се забавуваат, да бидат пријателки со мајка ми. Полека, нејзиниот распоред беше исполнет со часови за аеробик во вода, музејски експонати и предавања, а и некои нови пријателства почнаа да цветаат. Кога немаше кој да ѝ се придружи, мајка ми храбро реши да си оди во кино сама.

И тогаш во нашите животи пристигна едно бебе правејќи ме мене баба, а неа прабаба. Мајка ми и јас еднаш неделно одевме во Бруклин за да ја посетиме Шарлот. Обожававме да ја држиме в раце и, како што растеше, да ѝ пееме песни, да боиме и да си играме со неа.

Тогаш работите почнаа да се случуваат онака како што се случуваат кога некој ќе направи уште еден круг околу Сонцето, повеќе од 80 пати.

Одеднаш, дојде време за промена – од позитивни разговори и активности до надминување на симптомите на мајка ми. Кога интернистот ѝ кажал дека треба да оди на ендокринолог за две недели, мајка ми низ солзи ми рече дека следниот достапен преглед е за 8 месеци. Тоа беше пресвртната точка.

„Знаеш мамо, кога твојата мајка остаре, ти ја третираше како кралица“, ѝ реков едно попладне. „И таа ти дозволи. Зошто не ми дозволиш да го направам истото за тебе? Само дозволи ми да ги закажам лекарските прегледи и да видиме како ќе се одвиваат работите“. Таа незадоволно се согласи.

Кога бев млада девојка, имав тенденција да бидам прилично театрална. Бев подготвенa да ја искористам мојата внатрешна „дива“ за да го поддржам здравјето и благосостојбата на мајка ми.

Се јавив во канцеларијата на нефрологот. Откако го кажав името на мајка ми, датумот на раѓање, социјалното осигурување и информациите за примарното и секундарното осигурување, започнав со мојот настап. Почнав со пелтечење и лажно плачење, играјќи на картите на починатиот брат и мајката која од неодамна е вдовица.

Тој настап функционираше секојпат.

Јас и мајка ми отидовме на лекарски преглед во рок од 72 часа по мојот убедлив настап. Овие прегледи на специјалисти за итни случаи бараа дополнителни тестови и консултации. Мојот план функционираше беспрекорно, сè додека мајка ми не ја отвори Пандорината кутија – уште позната и како „Гугл“ – за да открие дека, според интернетот, бубрежната болест во трета фаза несомнено ќе ја предизвика нејзината прерана смрт, а стенозата на ‘рбетот ќе ѝ пружи ужасна болка во остатокот од нејзиниот живот.

И тогаш мојата изведба со лажно плачење стана реална и почнав искрено да липам и да се борам да ги извлечам зборовите. И тогаш сфатив дека покрај тоа што се однесувам како јас да сум мајка на мојата сакана мајка, време беше да почнам да се грижам и за себе.

За среќа, по неколку месеци чести прегледи и тестови, талентиран акупунктурист и физиотерапевт ѝ пружи значително олеснување на мајка ми. Ѝ кажав на мајка ми дека одлично се справува со сите овие третмани.

„Зошто се однесуваш така кон мене?“, ме праша.

И тогаш повторно станав 12-годишно девојче за мајка ми.

Автор: Лиса Хониг Буксбаум

Извор



912

X