Припаѓам на супкултура која е многу различна од мејнстрим-културата. Така, кога почнувам да забележувам шаблони меѓу моите мејнстрим-пријатели, имам тенденција да откривам нешто повеќе за нив. Таков беше случајот со мојата пријателка Пејџ во тоа време.

Пејџ беше тип на девојка која е родена да биде мајка. Таа сакаше да биде мајка на осум деца и им го кажуваше тоа на луѓето кога ја запознав на 27 години. Многу сакаше да има семејство.

Поминаа две години и таа го очекуваше своето прво бебе. Да се каже дека таа е пресреќна – е потценување на нејзината радост. Ја предупредив, на мој чуден начин, дека за бебињата е потребна многу работа и посветеност. Но, не очекував да го видам она што се случи следно. Постпородилната верзија на Пејџ беше непрепознатлива, а исто така и нејзиниот сопруг.

Пејџ и нејзиниот сопруг добија здраво машко бебе. Беше здраво, таа го доеше, а таткото одеше на работа. Решив да ја посетам Пејџ и да разговарам со неа за бебето. Така, неколку месеци подоцна, отидов да ја видам. Влегов внатре и ја видов Пејџ како да е во многу лоша состојба. Стискаше заби, беше на работ на ментален слом, држејќи бебе што плаче. Јас воздивнав, а таа ме погледна.

„Ах, како е, ах…“, почнав гестикулирајќи кон вознемиреното новороденче.

„Тој… нема да престане… да плаче…“, рече таа.

Ова навистина беше премногу за неа, па решив да ѝ кажам да го остави бебето само со сопругот. Таа се облече и ја однесов во вински бар. Во винскиот бар работите почнаа да добиваат многу повеќе смисла.

„Како се држиш? Дали си добро?“

Се колнам, мислев дека ќе почне вознемирено да плаче. Пејџ изнесе низа поплаки за бебето што го имаше дома и заврши со фраза што јас лично ја сфатив и од мојата бременост.

„Луѓето веќе да не ме гледаат како личност. Јас сум само родител на ова новороденче. Никој не ме прашува како ми е, што сакам да правам, што мислам за што било освен за бебето“, рече таа.

Како што се излегува, ниту нејзиниот сопруг не се забавувал баш со сето тоа. Тој помагал, но се чувствувал измамен. Никој не му кажал дека ќе почне да доживува бришење на идентитетот. Тој на крајот станал сѐ повознемирен.

Да, би можеле да го припишеме ова искуство на постпородилната депресија, но не верувам дека се работи за целосно хормонално однесување. Јас бев во хормонален хаос по породувањето до тој степен што слушав гласови и се обидов да го гризнам лицето на докторот. Верувајте ми, како некој што имал постпородилна психоза, јас го разбирам сето ова. Не го намалувам влијанието на хормоните, но верувам дека има уште еден фактор што е во игра, за кој никој не сака да зборува.

Она што Пејџ го доживува е камен-темелник за „американското мејнстрим-родителство“.

Значи, ќе истакнам нешто за американската родителска култура генерално: може да биде токсична.

Ќе наведам што потенцијално може да го направи толку токсично тоа родителство:

Сите очекуваат мајките да бидат совршени. Хранење на детето со органски оброк, менување на пелените со насмевка на лицето, секогаш многу пари во банка, користење на најдобрите практики за родителство – според она што го кажува општеството.

Сега се очекува родителите да ги следат децата 24/7. Буквално. Мама или тато секогаш мора да бидат во близина, или на друго место.
Родителите се навистина недоволно опремени и без помош. Во дамнешните денови (како 50-тите години), родителите можеа да се потпрат на поширокото семејство за грижата за децата. И дневната грижа беше евтина. Денес, потребна е целата плата за да се плати дневен престој за едно дете – а цените вртоглаво растат.

Срамот од телото е исто така многу застапен во таа родителска заедница. „О, не ја изгубивте тежината по раѓањето на бебето?“ Сите овие фактори создаваат средина каде што од родителите премолчено се очекува да се откажат од идентитетот од тоа кои биле како личности пред да имаат бебе. Ова е особено точно за мајките, но почнува да им се случува и на татковците. Вие повеќе не сте „вие“ кога ќе станете родител. Тоа е крајно дехуманизирачко и мајките често го доживуваат во првиот момент кога ја најавуваат бременоста. Ова е феномен кој станува сѐ полош со секоја измината деценија. Она што би се сметало за психотично опсесивно родителство во 80-тите години сега е норма.

Но, тука не станува збор за нарушена логика на охрабрувањето на општеството за такво родителство. Се работи за она што се случува со родителите. Смртта на предродителскиот идентитет на родителот е нешто за кое што никој не зборува. Една од големите лаги што луѓето имаат тенденција да ја промовираат во нашето општество – е дека сепак можете да ги правите сите работи што сакате да ги правите како родител. За повеќето од нас, ова не е вистина. Ангажирањето дадилка и дневен престој во градинка сега се премногу скапи за повеќето семејства.

Како општество, тежнееме да ги „туркаме“ родителите во ситуација во која тие немаат време да прават ништо друго освен да ги воспитуваат своите деца. Па, кога немате време да бидете фокусирани на себе, вашето старо „јас“ умира.

Го носите бебето дома. Наскоро работите почнуваат да ви се оддалечуваат. Престанувате да одите на настани, па не сте во тек со вашата група на пријатели. Фокусирањето на бебето значи дека не можете да бидете во тек со расправите за филмови или игри, па вашите стари предмети собираат прашина. Можеби ќе треба да се откажете од работата што ја сакавте за да му обезбедите подобри услови на бебето. Сè е само бебе, бебе, бебе.

Сите престануваат да прашуваат за вас. Не можете да се сетите кога последен пат вие и вашиот најдобар пријател сте отишле на шопинг во трговскиот центар. Не можете да се сетите кога последен пат сте се дружеле со пријателите. На крајот, се гледате во огледало и не се препознавате.

Тагата и гневот што ги чувствуваат новите родители се 100 проценти оправдани. Не е сè розово. Сосема спротивно – тоа е застрашувачки збир на неплатена, неценета работа. На женското тело може да му се случат ужасни работи и никој не се осмелува да зборува за тоа додека не бидете уништени. Кога родителите бараат помош или се жалат, нашето општество колективно ги крева рамената и вели: „Ти го избра ова, затоа не жали се“.

Губењето на родителскиот идентитет е вистинска работа и тоа е валиден проблем што не треба да се „турка“ под тепих. А сепак, ние дури и не ги предупредуваме новите родители дека тоа може да се случи. Затоа родителите се чувствуваат измамени и се лути. Никој не ги предупредил дека ќе се случи тоа. Никој не им кажал колку е мачно и тешко губењето на претходното „јас“.

Се разбира, тие се огорчени. Нивната болка е валидна!

Сепак, мислам дека им должиме на новите родители – да создадеме општество кое е попријателски настроено кон нив, а не само кон децата. Ако сакаме да видиме поздрави, посреќни родители, време е да престанеме да ги критикуваме, судиме и да ги отфрламе.

Но, познавајќи го современото општество, не можам баш да се опуштам во таа смисла.

Автор: Осијана Тепфенхарт

Извор



912

X