Зошто Ковачевски не поднесува оставка по вчерашниот катастрофален пораз на СДСМ?

Во текот на вечерта, веднаш по вчерашните избори, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски беше тој кој излезе да ги соопшти резултатите пред јавноста.

Придружуван од некои од носителите на листи, коалициските партнери и претседателот на младината на СДСМ, тој посочи дека изборните резултати се разочарувачки. „Резултатот е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата“, истакна тој во своето обраќање до јавноста. Посочи дека е важно да се идентификуваат факторите кои довеле до ваквиот пораз, на сите нивоа во партијата. Но, тој не се изјасни дали се смета за директно одговорен за најлошиот резултат на СДСМ во историјата, ниту пак ја најави својата оставка. 

Кратко по прес-конференцијата, еден од потпретседателите на партијата, Фатмир Битиќи се изјасни во однос на својата оставка, истовремено повикувајќи ги и другите членови на раководството да го следат својот пример. Во меѓувреме, бевме информирани и за  оставките на потпретседателот Перо Костадинов и претседателката на форумот на жени Јована Тренчевска.

Денеска, со свој став излезе и еден од противкандидатите на Ковачевски во трката за претседател на партијата, кога Зоран Заев си замина од позицијата. Според Деспотовски, потребна е храброст кај партискиот врв за да се прифати реалноста на овој пораз. „Вчеравечер пропуштивме огромна шанса да го направиме првиот чекор кој почнува со одговорност, со име и презиме,почнувајќи од врвот", посочи тој, индиректно повикувајќи го Ковачевски да ја поднесе својата отставка пред членовите на партијата.

Ковачевски вчера повика на внатрепартиски избори, но порача дека процесот не смее да биде брз и стихиен. Но, се поставува главното прашање: Каде е оставката на претседателот на партијата и дали тој ќе го следи истиот пример на Битиќи, Костадинов и Тренчевска, како и притисокот од останатите членови?

За потсетување, по првиот круг на претседателските избори, на прашањето од новинарите дали ќе си поднесе оставка и дали чувствува одговорност за поразот,тој рече дека тоа прашање треба да му се постави на 8 мај.