Македонија
25. March 2024 - 16:45

Матичните лекари 4 часа ги затворија ординациите во знак на револт за бруталното убиство на колегата

Најголемиот дел од матичните лекари денеска 4 часа ги затворија ординациите. Во знак на почит кон убиениот колега и со барање за поголема заштита од 12 до 16 не примаа пациенти, ниту издаваат рецепти и упати. На ваков начин сакаа да го кренат гласот дека се потребни нови закони пред се за докторска дејност за поголема безбедност на здравствените работници.

  • Ова не е дека ние не работиме, дека не сакаме да работиме, но навистина само да стои на закон дека сме службени лица, гледаме дека тоа не врши никаква функција. За секој здравствен работник од примарното, секундарното и терциерното здравство сметаме дека оваков чин не треба да се повтори, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.
  • Проблемите треба да се решаваат на мирен начин во ординациите на лекарите,а не вака со грозоморно убиство, рече д-р Мевлудин Куч, потпретседател на ЗПЛРМ.

Но, не сите матични ги затворија ординациите. Дел од концесионерите во Поликлиниката Бит Пазар работеа во периодот на најавениот протест.

  • Да работеше, еве имам извештај, вели жител на Скопје.
  • Дали пред 12 часот бевте или сега?
  • Сега, сега бев, одговори тој.

67 годишниот матичен лекар Ацо Трповски беше убиен во четвртокот вечерта  во кругот на Поликлиниката Железара каде имал ординација. Безживотното тело во неговиот автомобил го пронашле синовите. Истражните органи констатирале 9 убодни рани од нож, но полицијата се уште го бара извршителот или сторителите на убиството.

  • Прегледани се повеќе од 40 камери вклучувајќи ги и камерите на Безбеден град,  извршени се службени разговори со повеќе од 15 лица. 

Се врши дополнителна криминалистичко техничка обработка на предметното возило. 

Се обезбедуваат листинзи од телефонски броеви и се врши нивна анализа.

Истрагата е во напредна фаза. Единицата за насилен криминал при СВР Скопје во содејство со ОЈО интензивно работат на расчистување на случајот, велат од МВР.