Голтките слобода

13.03.2024 11:44
Голтките слобода

 (Кон претставата „Деца на сонцето” од Максим Горки, во режија на Матеја Колежник, а во изведба на „Шаушпилхаус” од Бохум, Германија. Главни улоги: Ана Бломаер, Константин Бихлер, Кристијан Пол, Танер Јен, Тим Брокман)

 „Децата на сонцето” Максим Горки ја пишува за време на својот краток затворски престој за време на првата револуција во Русија во 1905 година. Она што е најважно за оваа пиеса е тенденцијата на авторот да ја отвори превртената ракавица на безидејноста во средината на деветнаесеттиот век кога во Русија покрај сè друго владее и епидемија на колера. Она што фасцинира во режисерското видување на Матеја Колежник е театарската транспарентност на тишината која со својата напнатост зборува за модерното толкување на време кое совршено се пресликува во денешното. Епидемијата и немоќта на интелектуалната елита да се справи со полтичката автократија е трансверзалата по која минува дејствието и ликовите на Горки. Минимализмот на оваа режија е семантичка вивисекција на една непродуктивност и депресивност која денес е поттикната и со големите мигрантски бранови од безумието на војната. Во ова видување се исцизелираат ликови кои не одат подалеку од обликот што им го дал Горки, но делуваат многу наши со својата прецизност и детализираност.

Матеја Колежник се одлучила за продирање во најситните дамари на текстот и за една суптилност типична за видувањата на Бергман. Дејствието во оваа претстава е како парче отсечено од натурализмот на нашето секојдневие, делувајќи по малку документаристички. Што значи тоа? Дејствието во делото на Горки кое е секогаш комплицирано со голем број на ликови и влијанија во оваа режисерска концепција е натопено со ововременската напнатост и несигурност што совршено одговара и на дијалошкиот дел, но и на самите ситуации. Во оваа претстава го слушаме секој чекор, се сепнуваме на сѐ што паднало од масата, на секој ситен крик, на симфонијата од воздишки, на една животна партитура која со себе ја носи напнатоста на дваесет и првиот век. И стравот.

Матеја Колежник во ова исклучително суптилно режисерско видување, ако можеме да го наречеме така, се одвоила од големите значења и интерпретации на политичките и општествени констелации и низ овие ситни движења и прецизноста на ликовите, покажувајќи дека враќајќи се кон реализмот, ние всушност се враќаме кон себеси како карактери на едно време кое се отсликува во сите наши гестови, движења и мимики. Овде ми се наметнува една мисла на Хана Арент која вели: „Тоталитаризмот никогаш не се задоволува да владее со надворешни средства, имено, преку државата и машинеријата на насилство. Благодарение на својата чудна идеологија и улогата што му е доделена во овој апарат на принуда, тоталитаризмот откри средство за доминација и тероризирање на човечките суштества одвнатре”. Матеја Колежник низ своето режисерско видување говори токму за тој вид на тероризирање што го препознаваме во интимниот свет на ликовите на Горки.

Еден од централните ликови на претставата и пиесата е Павел Фјодорович Протасов кој извонредно транспарентно ни го донесува Гај Клеменс чија актерска енергија е собрана во неговиот говорен и емотивен универзум. Во овој лик кој е одигран органски, со совршена компакност на сите актерски компоненти, се крие и целиот конгломерат од релации и односи со другите ликови во пиесата. Посветувајќи внимание на неговите недоумици и несвесност за горчливата ситуација во која се наоѓа, Гај Клеменс гради исклучително комплексен лик базиран на емотивните пасажи.

Луда од љубов по него, Меланија во интерпретација на Желе Брукнер е спротивна од него, лик со отворено женско либидо кое оваа актерка го пласира во една воздржана форма, со одлично владеење на својата актерска умешност. Свесноста на ликовите за тензичноста на социјален и општествен план, а конечно и на здравствен план се пресликува и во нивните карактеристики кои во оваа постановка имаат мирис на луѓе кои сакаат да се ослободат од стегите на неодлучноста.

Овде, како противтежа на споменатите ликови се и Елена Николаевна, сопругата на Протасов која во интерпретација на Ана Бломаер влегува во територијата на нереализираност на жена на интимен и на социјален план. Ана Бломаер ја одигрува улогата на доминантна жена која се обидува да ја реализира својата љубов кон најдобриот другар на нејзиниот сопруг Вагин, кој пак во интерпретација на Витор Ајденс е уметник чија интимна дисперзија не ѝ дозволува да навлезе во неговата аура. Нејзина голема спротивност е бруталниот Егор на Михаел Липолд, кој на некој начин е и симбол на она што доаѓа однадвор, а тоа е теророт и смртта. Михаел Липолд со својата експлицитна игра е, се чини, единствениот лик кој е во контрадикција со „тишината” на целата претстава, но со својата одлична актерска игра навестува едно време за кое другите ликови сè уште не се свесни. Во другите улоги со навистина голема актерска енергија и природност се појавуваат и Доминики Дос Рајс, Кристоф Лукс, Емили Лик, Карин Муг, Кристијан Пол, Ан Рајтмаер, Александер Вертман и Амелија Вилберг.

Кога ќе помислиме на визуелизацијата на оваа претставе дозволуваме да нè фасцинира совршената прецизност на сценографијата на Рејмунд Орфео Вогт во која се чувствува мирисот на натурализмот, каде што дневната соба и скалите се токму она што се со целата своја детализираност, каде што и скалите крцкаат под нозете на актерите како „во животот”, каде што и лустерот и масата во дневната соба се онакви како што би биле и во која било куќа која не подразбира театарска илузија.

Во оваа животна веродостојност се приклучуваат и костимите на Ана Савиќ Гецан чија типизација потсетува на времето во кое се случува самата драма иако се базично осовременети, но со себе носат некоја Орвеловска придушеност на боите наметнувајќи еден мал навев на депресија и очај. Малата музичка застапеност која се сведува на диксиленд од времето на американската депресија е ситна значенска сила која Матеја Колежник ја развива низ актерската присутност и низ она што значи симболистичка доследност.

„Деца на сонцето” е пиеса која се појавува за време на отровната сатира на Булгаков и претставува едно драмско и до некаде книжевно „отрезнување” кое потсетувајќи нè на минатото, нè предупредува за иднината. Комплексноста на овој драмски текст е всушност еден крик на човекот кој пред револуцијата сака да си ја испита својата безидејност и да го најде лекот за неа и тоа е конечно, една релевантност на која предупредува и Матејаа Колежник. Што се однесува до театарските движења, оваа претстава на еден многу минуциозен начин наметнува една промена во начините на мислење која се чини дека за извесно време ќе го замени сегашниот постдрамски бран и ќе донесе една прецизност и еклектичност за која претпоставувам дека ќе ни треба поголема подготвеност и во филозофска и во книжевна смисла. Но, останува да го очекуваме и да го видиме тоа. 

Слики: Matthias Horn