Воска Спорт и Тиквеш ќе играат за пехарот во Купот на Македонија
Денеска се одиграа реванш натпреварите од полуфиналето во фудбалскиот Куп на Македонија, а за прв пат во нивната клупска историја за титулата во ова натпреварување ќе играат Воска Спорт и Тиквеш.
По првиот меч меѓу Тиквеш и Шкупи немаше голови (0:0), така беше и возвратниот дуел во Кавадарци, па пеналите одлучуваа кој ќе патува во следната фаза.
Во ударите од белата точка екипата на Тиквеш славеше со 5:3 против клубот од Чаир. Во редовите на Шкупи пенал не реализираше Дарко Илиевски.
Воска Спорт загуби на реваншот против Македонија ЃП со 2:1, но благодарение на триумфот од 2:0 во првиот натпревар се пласираше во финалето.
Џемил Јахији донесе водство за Воска Спорт на стадионот Ѓорче Петров, а потоа домаќините направија пресврт преку Самир Фазли и Крсте Велкоски, но им недостасуваше уште еден гол за да ги вратат целосно надежите во овој двомеч.
Како што е најавено од ФФМ, финалето во Купот на Македонија е закажано на 22 мај.