02 Мај, 2024
0.0301

ИНТЕРВЈУ АЦЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА ДЗР: Ако државата кај нас инвестирала еден денар, ние сме вратиле 14 во Буџетот, но надлежните можат уште поефикасно да постапуваат по нашите извештаи

Објавено во: Интервјуа 26 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

И натаму како општество имаме предизвици во битката против корупцијата, имено, сеуште не можеме да се пофалиме дека сме станале општество отпорно на корупција. И секако дека може и подобро и може и повеќе. Сепак, Државниот завод за ревизија во изминатите години успеа да се наметне како институција која дава сериозен придонес во таа борба, особено во превенирањето на оваа негативна појава. И не случајно ДЗР станува препознатлив по епитетот „Чувар на јавните средства“. Во интервју за Фактор, директорот на ДЗР, Максим Ацевски, открива дека ако државата инвестирала еден денар кај нив, тие во Буџетот вратиле 14 денари, но и каков систем има воспоставено институцијата со која тој раководи, со цел да се делува и превентивно, но и репресивно врз сторителите на кривични дела кои го оштетуваат државниот буџет, но и оној на општините. Како држава мора да сфатиме дека корупцијата, која постои и во другите општества, треба да ја сведеме на прифатливо ниво, вели за Фактор Ацевски, додавајќи дека е задоволен од соработката со другите институции, иако и таму е можно дополнително подобрување. Нагласува дека за прв пат во историјата на работењето на ДЗР и на Комисијата за финансирање и буџет, во Собранието се одржа расправа каде предмет на разгледување беше Конечниот ревизорски извештај за извршената ревизија за Онкологија за 2021 година, при што се донесени соодветни заклучоци за постапување.Со Ацевски разговаравме и за договорот со „Бехтел и Енка“, за кој вели дека во целост им е доставен од Јавното претпријатие за државни патишта, но и за изборот на неговите колеги ревизори во Државната комисија за спречување на корупцијата...

Господине Ацевски, нашата држава и натаму е посочувана како земја со многу корупција, која мора да се искорени доколку сакаме развој и подобар животен стандард за граѓаните. Дали и колку Државниот завод за ревизија придонесе барем да се ублажи оваа рак рана во општеството?

Ацевски: Најпрвин би сакал да Ви се заблагодарам за интересот за ова интервју и ги поздравувам читателите на интернет порталот Фактор. Во контекст на Вашето прашање, би сакал да истакнам дека корупцијата е општествен проблем и е присутна во сите општества, но прашањето е на кое ниво е таа, односно дали е сведена на прифатливо ниво.

Очигледно, според податоците со кои располагаме како надлежни институции, мерењата од надлежни меѓународни и домашни институции, како и од укажувањата на меѓународните претставници, може да заклучиме дека како држава сеуште имаме предизвици во делот на успешната превенција од корупцијата и градење на институции, односно општество отпорно на корупција.

Државниот завод за ревизија како Врховна ревизорска институција во земјата, во континуитет, а особено изминатите години, со вршењето на државната ревизија и преку транспарентното и отчетното презентирање и известување за утврдените состојби во конечните ревизорски извештаи, дава силен придонес и додадена вредност во општеството, особено во превенирањето на оваа негативна појава.

Во насока на обезбедување притисок од јавноста од една страна и постапување од страна на надлежните органи, ДЗР има воспоставен систем на меѓусебна комуникација со 1.200 засегнати страни, кои редовно се известуваат за утврдените состојби содржани во конечните ревизорски извештаи и во исто време КРИ се доставуваат до субјектот предмет на ревизија, надлежните органи за надзор и контрола а за конечните ревизорски извештаи за кои постои сомнеж за несоодветно користење на средства, а тие се доставуваат и до Јавното обвинителство.

Како Врховна ревизорска институција водиме грижа и даваме придонес за подобрување на квалитетот на услугите кои се испорачуваат кон граѓаните и во исто време за начинот на користење на средствата на даночните обврзници, при што во континуитет го зголемуваме обемот на ревидирани јавни приходи и јавни расходи и утврдување на теми за ревизии на успешност кои имаат додадена вредност за општеството и граѓаните.

Корупцијата е појава која го нагризува Бруто домашниот производ на општеството, односно на секоја држава, и влијае на квалитетот на испорачаните услуги кон граѓаните, па оттука, како држава потребно е да извршиме проценка на превентивниот но во исто време и на репресивниот дел во начинот на досегашното постапување и борба против корупцијата и градење политики и искажување на јасна и недвосмислена желба за справување со оваа појава.

Треба да сфатиме дека корупцијата мораме како држава да ја сведеме на прифатливо ниво преку менување на јавната свест за нејзините негативни последици, градење отпорност кон неа, зголемување на знаењата и вештините на вработените, внатрешните ревизори и менаџментот и обезбедување на неопходни услови за работа (материјални, финансиски и човечки ресурси) на надлежните органи вклучувајќи го и ДЗР и секако ефикасна репресија врз сторителите на коруптивните дејства.

Во делот на зголемување на знаењата и вештините на вработените и градење на отпорност кон корупцијата,  би сакал да потенцирам, дека во областа на управувањето со ризиците од корупцијата, вкупно 101 вработен од Државниот завод за ревизија успешно ја реализираше Програмата за превенција од корупцијата подготвена и развиена од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) и Овластениот институт за јавни финансии и сметководство - ЦИПФА, а поддржана од Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС и УСАИД, со што се стекнаа со Меѓународен сертификат за управување со ризици од корупција.

Во исто време ДЗР во континуитет, почнувајќи од 2021 година донесува Годишен план за превенција од корупција на Државниот завод за ревизија.

Убеден сум дека ваков сериозен пристап и придонес во заложбите за превенција на корупцијата, ќе претставува добар пример за останатите институции од јавниот сектор.

Вие сте именуван на оваа позиција Главен државен ревизор пред четири години. Од денешна перспектива, дали успеавте да ги исполните целите кои си ги поставивте кога дојдовте на оваа позиција?

Ацевски: Токму така, почнувајќи од декември 2019 година, бев именуван за Главен државен ревизор на Државниот завод за ревизија, со консензус од сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, што навистина ми претставува големо задоволство и лична сатисфакција, но во исто време и обврска.

Сметам дека како Главен државен ревизор заедно со вработените во ДЗР и моите соработници (внатрешни и надворешни), вклучувајќи ја и несебичната меѓународна поддршка од донаторите, успеавме да ја зголемиме транспарентноста, отчетноста и одговорноста во работењето на ДЗР, да обезбедиме целосна имплементација на Меѓународните стандарди на ИНТОСАИ во работењето на ДЗР вклучувајќи ги и принципите на INTOSAI – P 12 Вредност и придобивки од ВРИ – правење разлика во животот на граѓаните, меѓу кои ќе ги наведеме: зачувување на независноста на Државниот завод за ревизија, спроведување на ревизии со цел да се осигури дека државните органи и субјектите од јавниот сектор се отчетни за управување со и користење на јавните средства, известување за резултатите од ревизијата и овозможување отчетност на државните органи и субјектите од јавниот сектор пред јавноста, ефективно комуницирање со засегнатите страни, да се биде кредибилен извор за независен и објективен увид и насоки за поддршка на корисни промени во јавниот сектор, осигурување на соодветна транспарентност и отчетност на ДЗР, осигурување на добро управување, стремење кон извонредност и квалитет на услугата, како и градење на капацитети преку промовирање на учење и споделување на знаење.

Исто така, успеавме да изградиме листа на засегнати страни од најмалку 1.200 контакти со кои ДЗР редовно комуницира, да учествуваме во кооперативни ревизии во кои во дел од нив ДЗР е носител на активностите во делот на координацијата,како што е примерот со кооперативната ревизија на успешност на TFMA, на тема „Сопствените приходи на општините за обезбедување квалитетни услуги за граѓаните за време на пандемија“ во која ДЗР е главен координатор со уште шест Врховни ревизорски институции, да партиципираме во работни групи во рамките на INTOSAI/ EUROSAI, да подготвуваме и објавуваме КРИ, збирни КРИ за одредени области и Годишен извештај за извршените ревизии и за работата на ДЗР на разбирлив, јасен и едноставен јазик приемчив за крајните корисници, да утврдиме индикатори за мерење на додадена вредност од работа на Државниот завод за ревизија при што еден од индикаторите е степенот на повратени или помалку уплатени или помалку пресметани приходи во Буџетот на државата односно во Буџетот на општините и градот Скопје, при што тој однос со ГИ за 2022 година изнесува 1 спрема 14, а тоа значи ако државата инвестирала еден денар во ДЗР, ДЗР вратил 14 денари.

Понатаму, ја зголемивме соработката со надлежните органи, Собранието, потпретседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата и други, воспоставиме плодна меѓународна соработка и обезбедиме билатерална и мултилатерална соработка со други врховни ревизорски институции и меѓународни организации кои овозможија потпишување на билатерални и мултилатерални договори за соработка, обезбедиме позитивно мислење во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2023 година, успеавме да бидеме нотирани во Национален монитор за реформи во Јавната администрација на земјава за 2021/2022 година, изготвен од Институтот за  политики (ЕПИ), како најтранспарентна институција, да инвестираме во знаењата и вештините на вработените и да обезбедуваме континуирана едукација, како и да обезбедиме соодветно вреднување на трудот на вработените во ДЗР.

Како човек кој најголемиот дел од моето работно искуство (22 години) го посветив на Државниот завод за ревизија, со посветено време, енергија, знаење, пожртвуваност и одрекување од многу нешта во интерес на институцијата и вработените, верувам дека успеав и успевам и понатаму да менаџирам со институцијата, на начин преку кој се трудам Државниот завод за ревизија да биде пример во јавниот сектор по својата професионалност, интегритет, иновативност и отчетност.

Државниот завод за ревизија постојано изработува ревизорски извештаи за државните институции или програми, и укажува на сериозни наводи за ненаменско и незаконско трошење на пари. Исто така, постојано сме сведоци на проекти за унапредување на соработката со органите на прогонот во земјава со цел тие извештаи да имаат и финална завршница. Колку сте задоволен од реакцијата, колку Вашите наводи и навистина резултираат со конкретни кривични пријави или судски пресуди за оние што ги злоупотребиле државните средства?

Ацевски: Луѓето што ме познаваат приватно, а и моите вработени од Државниот завод за ревизија, знаат дека сум човек кој секогаш бара повеќе и бара подобро. Не случајно и нашата институција постојано го истакнува епитетот по кој стана препознатлива, а тоа е „Институција – Чувар на јавните средства“. Ако ме прашате дали сум задоволен, ќе ви одговорам дека секогаш може подобро и може повеќе. Она што е неоспорен факт е дека Државниот завод за ревизија го подигна на висок степен нивото на транспарентност, отчетност и видливост како институција во јавниот сектор. Точно, во конечните ревизорски извештаи во континуитет укажуваме на системските слабости и известуваме за клучни состојби за ненаменско и незаконско трошење на јавните средства, за што даваме и конкретни препораки за надминување на ваквите состојби.

Морам да истакнам дека со потпишувањето на Меморандумот за соработка со Јавното обвинителство, евидентен е прогресот во комуникацијата, соработката и постапувањето по конечните ревизорски извештаи на ДЗР. Имено во насока на продлабочување на соработката и обезбедување на соодветни информации за конечните ревизорски извештаи од страна на ДЗР и ЈО номинирани се лица за комуникација, а во исто време донесени се и интерни упатства за известување за утврдени состојби во вршењето на државна ревизија за кои има сомнеж дека субјектот предмет на ревизија сторил кривично дело и за постапување по конечните ревизорски извештаи.

Во овој дел потребно е да се истакне дека за прв пат во историјата на работењето на ДЗР и работењето на Комисијата за финансирање и буџет, во Собранието се одржа расправа каде предмет на разгледување беше Конечниот ревизорски извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје за 2021 година, при што се донесени соодветни заклучоци за постапување.

Исто така потребно е да се нагласи соработката со Потпретседателот на Влада задолжен за политики за добро владеење каде по одредени конечни ревизорски извештаи, ДЗР обезбедува поддршка за подготвување на соодветни заклучоци за постапување на надлежните органи.

Меѓутоа, дека може постапувањето по конечните ревизорски извештаи од надлежните институции да биде уште поефикасно, тоа секако дека може и дека го посакувам.

Во Вашата работа откривте многу раскинати договори со изведувачи од страна на државата. Овие оператори ја тужат државата пред меѓународните судови. Кои се Вашите сознанија, дали ќе плаќаме пенали и дали досега се донесени правосилни одлуки?

Ацевски: Државниот завод за ревизија со извршената ревизија на финансиските извештаи на Владата на РСМ за 2022 година, утврди дека во периодот од 2018 до 2022 година во тек се пет арбитражни постапки против државата за кои се исплатени средства за адвокатски услуги во износ од 16,6 милиони евра. Во текот на ноември 2022 година, донесена е пресуда за една арбитражна постапка во корист на тужителот врз основа на која Владата има исплатено буџетски средства во износ од 21,5 милиони долари. Исто така, во текот на ревизијата потпишана е спогодба за порамнување за намирување на долг кој произлегува од арбитражен спор согласно кој во Буџетот на РСМ ќе се уплатат средства во износ 858 илјади евра на четири рати.

На една од последните седници на Владата била разгледувана точка за Барање од Вашата институција за доставување на Договорот со изведувачот Бехтел и Енка, за проектот за изградба на четирите автопати од Коридор 8 и Коридор 10 Д. Дали Владата Ви го достави Договорот и ако не, кое беше нивното образложение, и зошто ДЗР реши да го побара овој Договор, кој дел посебно Ве интересира?

Ацевски: Согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2023 година, Државниот завод за ревизија во рамки на ревизијата на успешност „Реализација на капитални инвестиции финансирани преку Буџетот на РСМ, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“ опфатени се и стратешки инвестиции во патна инфраструктура за периодот од 2021 – 2023 година. Од причина што во известувачкиот период за 2023 година има извршено исплати на финансиски средства по однос на овој Договор, истиот е предмет на ревизија. По барање на ДЗР од страна на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Договорот е доставен во целост.

Голем број од Вашите колеги ревизори го сочинуваат новиот состав на Антикорупциската Комисија. Како тоа го коментирате?

Ацевски: Државниот завод за ревизија претставува Врховна ревизорска институција во Република Северна Македонија, кој со своето работење во континуитет докажува дека во него се вработени високо професионални кадри кои изобилуваат со знаење, вештини, професионалност, интегритет и одговорност во своето работење.

Аналогно на оваа состојба логична е и одлуката на надлежните органи да се одлучат дел од членовите и претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата да бидат од ДЗР. Ми претставува чест и задоволство што тројца професионалци од нашата институција мои соработници, се избрани во новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата – ДКСК. Ова е само показател дека Државниот завод за ревизија претставува ризница за создавање на професионален кадар и на луѓе со високо ниво на професионалност, етичност и интегритет. Од друга страна, морам да истакнам дека со нивното заминување ДЗР ќе мора да преземе мерки за промовирање на нови кадри кои ќе раководат со секторите со кои дел од избраните кандидати раководеа.

На сите членови на ДКСК им посакувам среќа, успех и одлучност во следниот предизвик, а Државниот завод за ревизија и натаму ќе се вложува максимално за да придонесе за создавање на уште поефикасно контролно опкружување и да продуцира резултат и квалитетна работа, која се повеќе и се почесто е препознаена и истакната од домашните и меѓународните организации и експерти. Назначувањето на наведените членови во ДКСК верувам дека ќе обезбеди континуитет во досегашната успешна соработка со ДКСК и ДЗР.

Нина Нинеска-Фиданоска