На почетокот на оваа година се објави дека легендарниот бенд Битлси ќе добијат свој биографски филм, односно четири филма - по еден за секој од членовите. Како режисер на филмовите се јавува оскаровецот Сем Мендес кој е најмногу препознатлив по филмовите "Американска убавина" (American Beauty) и два филма за Џејмс Бонд, а кој сега ќе соработува со компанијата Sony и со филмската куќа Apple Corps за продуцирање на четирите биографски филмови, кои се планираат да бидат премиерно прикажани во 2027-ма година.
Според Screen Rant, Харис Дикинсон, младиот британски глумец, кој неодамна се појави во "Триаголник на тагата" (Triangle Of Sadness) и "Железната канџа" (The Iron Claw) ќе го игра Џон Ленон.
Актерот кој ќе го толкува Пол Мекартни е младиот Пол Мескал кој веќе има номинација за Оскар за филмот "После сонцето" (Aftersun), а познат е по тоа што игра и доста сложени улоги како оние во "Сите ние странци" (All Of Us Strangers) и "Нормални луѓе" (Normal People).
Во улогата на Џорџ Харисон, ќе се појави Чарли Роу кој е најпознат по биографскиот филм за Елтон Џон - "Ракетен човек" (Rocketman).
Бери Кеоган, пак, ирски актер кој има номинација за Оскар, ќе го игра Ринго Стар. Кеоган е познат по играње на чудни ликови, а филм по којшто моментално е актуелен е "Птица" (Bird) кој неодамна беше прикажан на Канскиот филмски фестивал.
Четворицата актери се на возраст од 27 до 31 година, и се отприлика на иста возраст со членовите од Битлси во периодот кога бендот се распадна. Останува да го следиме понатамошниот процес на најавените филмски остварувања поврзани со Битлси.
Фото: Profimedia