Рубрика: Биологија
Рибата што живее на 8300 метри под морето
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.04.2023 - 18:15

Риба-полжав од родот Liparis, роднина на рибата снимената во бездната на Јапонското Море

Во длабочините на Јапонското Море за првпат е снимена риба која живее на длабочина од повеќе од 8 километри под нивото на морето.

Животот во длабокото море е комплициран, ако не и невозможен. Пред сè, нема светлина, а притисокот на водата таму долу е стотици пати поголем од оној на површината. Сепак, дури и во оваа екстремна средина, животот наоѓа начин да опстојува. При истражувањето на најдлабоките океански ровови во Јапонија, тим од австралиски и јапонски научници сними риба која живее на длабочина од 8336 метри, што е апсолутен рекорд. Имено, претходниот рекорд го држеше риба забележана во води “поплитки” за нешто повеќе од 150 метри. Веста прв ја објави BBC, а таа уште еднаш ги потврди теориите за опстојувањето на жив свет на овие екстремни длабочини.

Група риби-полжав снимени како пливаат на длабочина помеѓу 7500 и 8200 метри под нивото на морето.

Рибата припаѓа на сè уште неидентификуван вид од родот Pseudoliparis, кој припаѓа на семејството Липариди. На англиски овој вид го нарекуваат риба-полжав (snailfish) поради нивниот изглед – немаат крлушки, а наместо нив имаат желатинозен заштитен слој поради којшто личат на мекотели и е една од многуте адаптации што ги развиле за да ги издржат огромните притисоци во длабочините на бездната. Друга адаптација е отсуството на пливачки меур – „балонот“ што многу риби го користат за балансирање и одржување на позицијата во водниот столб. Имено, рибата-полжав нема ваков меур бидејќи неговото одржување под притисок на длабочина од 8 километри е многу тешко, ако не и речиси невозможно. Примерокот на новиот вид снимен на длабочина од 8336 метри е поврзан со две други риби од видот Pseudoliparis belyaevi кои беа снимени и фатени неколку дена подоцна од истиот брод. Тие пливале на длабочина од 8022 метри под нивото на морето а нивното патување до површината ги направи први примероци на риби што воопшто биле земени од длабочина поголема од 8 километри.

Друг важен детаљ е тоа што примерокот ‘рекордер во нуркање’ бил малолетник, кој пливал подлабоко од своите родители –  стратегија за преживување којашто овозможува да се избегнат предаторите кои остануваат подалеку. На поголеми длабочини животот за рибите сепак станува невозможен. Нивните клетки содржат соединенија наречени осмолити кои служат за создавање на противтежа на надворешниот притисок. Но, постои граница на концентрација над којашто е невозможно да се додадат други осмолити во клеточната течност. Според пресметките на Алан Џејмисон, шефот на експедицијата што ја сними рибата-полжав, рибите ја достигнуваат оваа граница на длабочина од околу 8400 метри. Па така мошне тешко дека некој нов примерок ќе биде пронајден на некоја поголема рекордна длабочина, а и ако се случи такво нешто, тогаш веројатно разликата же се мери во неколку метри.

Клучни зборови:
Риба-полжав од родот Liparis, роднина на рибата снимената во бездната на Јапонското Море

Риба-полжав од родот Liparis, роднина на рибата снимената во бездната на Јапонското Море

Група риби-полжав снимени како пливаат на длабочина помеѓу 7500 и 8200 метри под нивото на морето.

Група риби-полжав снимени како пливаат на длабочина помеѓу 7500 и 8200 метри под нивото на морето. Фото: Универзитет во Западна Австралија