Лидерите на партиите, заедно со носителите на листи, како и кандидатите за претседател кои влегоа во вториот круг, и денеска на средби со граѓани и митинзи во повеќе делови на државава, ќе ги презентираат своите изборни програми.

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски ќе има средби со граѓани во Охрид и струшко-охридскиот крај, како и во општина Маврово-Ростуше.

Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Чешиново-Облешево, во Зрновци, во Виница и во Кочани.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети ќе оствари средби со граѓаните во Кичево и Пласница.

На синоќешните митинзи преовладуваа пораки и карактеристичните предизборни ветувања.

СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, упорност и посветеност да ја внесе Македонија во ЕУ, изјави Димитар Ковачевски, претседател на Социјалдемократскиот сојуз, на Европскиот караван на СДСМ и Коалицијата за европска иднина што се одржа синоќа во Центар.

Тој порача дека СДСМ е силна партија и не се откажува од борбата.

-Нашата историја, нашата традиција и нашата одлучност за подобра иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние никогаш не се откажуваме, рече тој.

Тој посочи дека се свесни дека постои незадоволство и дека ја примиле пораката од граѓаните. - Мене и на моите другари ни е јасно дека партијата треба да се менува, за да ја вратиме довербата на граѓаните, рече тој.

Претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ Стево Пендаровски синоќа од Крушево порача дека борбата и формално правно и политички почнува од нула како да немало прв круг.

-На 8 мај не само овде во Крушево ќе славиме и во цела Македонија, порача тој на средбите со жителите на Крушево, повикувајќи ги крушевчани масовно да излезат на гласање и на 8 мај.

Тој ги негираше обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

Посочи дека не бојкотирал ни во 2014 година, ни во 2019, ни 2016 година, а, како што кажа, нема да бојкотира избори ни оваа 2024 година.

Неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова од Крушево порача дека ако на 24 април се случил политички земјотрес, на 8 мај ќе има политички вулкан.

Рече дека не агитира и додаде дека гласот е на граѓаните и треба да го искористат токму граѓаните.

-Вие знаете кому да го дадете. Искористете го, немојте да го оставите настрана, зашто тој значи одлука. Кога ќе гласате, помислете на Македониумот, на Тоше, на овој волшебно убав град кој мора да „врие“ од луѓе за да видат дека ние имаме многу градови што може да бидат градови на културата, на уметноста, на историјата, посочи Силјановска Давкова.

Лидерот ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, на синоќешниот митинг во Кавадарци ги повика граѓаните да гласат за бројот 2, со што рече, гласаат за иднината.

-Ова не е Македонија што ја сакаш, ова не е Македонија што ја заслужуваш. Овие избори се последна шанса за спас, шанса во која можеш да веруваш, избор во кој мора да учествуваш. На овие избори претставуваме светилник на надежта - сериозна, најдобра изборна програма досега, истакна тој.

Народот е определен, рече тој, бидејќи, како што нагласи, досега имало назадување во сите сфери, животен стандард под секое ниво, од другата страна имало губитнички сценарија.

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски синоќа кажа дека ЗНАМ нема да влезе во ниту една можна постизборна коалиција, во која ќе партиципира сегашниот и поранешниот владин партнер, а тоа е ДУИ, затоа што, вели, сметаат дека таа политичка партија се изгради во континуитет на корупција и потребна и е сериозна реформа, за да може да расчисти со минатото и сето она лошо што го направи во оваа држава.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, пак, синоќа во гостување на ТВ Телма кажа дека Европскиот фронт има договор со албанската опозиција дека нема да влезат во влада која нема да ги гарантира уставните измени.

Бектеши рече дека постои документ на кој се потпишани Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ и Али Ахмети од ДУИ, во кој пишува дека политичките партии што се потписници нема да прават коалиција со политичка партија која нема да ги направи уставните измени такви какви што се моментално предложени.

Исто така, додаде Бектеши, во документот стои дека нема да коалицираат со политичка партија која јавно искажува ставови против членување на нашата држава во Европската Унија и е кочничар на интеграцијата на нашата држава.


Администратор
27/04/2024 07:34