„Се јавија од градинка, се удрил на главата. Ана тргнува по него, а и јас се упатувам во тој правец…“, баш така, од ведро небо. Ја читав пораката додека разговарав со клиент.

За неколку секунди го завршив разговорот на најљубезен можен начин, се одјавив во компанијата и „слетав“ на паркингот. Марфи повторно го зеде законот во свои раце: Оние што-живеат-во-град-а-мислам-дека-не треба, паркирале неколку автомобили и морав да имам трпение и концентрација на шаховски велемајстор за да излезам со автомобилот. Прочитајте ги првите неколку редови од овој текст и ќе разберете дека тоа не беше можно. Свирев и отскокнував од седиштето. Не вредеше, го изгребав автомобилот и излетав од паркингот.

Имавме многу лошо искуство од претходната градинка и сеќавањата почнаа да се враќаат назад. Вистински рингишпил од визуелни слики во главата. Еден дел ви кажува дека сѐ ќе биде во ред, друг дел се прашува дали сѐ ќе биде добро, третиот дел вели: „Претпоставувам дека не е страшно“ и сето ова ви се одвива во главата во исто време… Од пораката на Ана некако насетив дека не е настанат целосен хаос, затоа што ако беше така, знам дека ќе ми се јавеше… Бев толку лут додека возев, што дури и Марфи со неговите закони малку се повлече, а семафорите го избегнуваа црвеното светло заради мене.

Минута пред да стигнам до градинката ѝ се јавив на Ана, а нејзиниот мирен глас дејствуваше терапевтски: „Пред градинката сме, не е страшно, еве пиеме сок“. Малиот разбојник се насмевна кога ме виде, без трага од плачење, а на челото имаше џумка. Се смирив бидејќи веднаш сфатив дека Лука е добро, иако изгледаше како да му никнуваат рогови. Здравствениот дом е во непосредна близина на градинката, па отидовме таму да слушнеме стручно мислење. Терапијата беше: ладни облоги, ништо страшно.

Ана ми кажа дека ѝ се јавиле од градинката додека го доела Виктор во автомобил, на паркингот пред супермаркетот.

Кога Лука беше повреден во претходната градинка, имав желба да одам таму со еден тон динамит и да „решам некои работи“ бидејќи знаев дека вината е кај оние што требаше да го чуваат. Секако, и овој пат бев лут и барав вина кај другите, но искрен сум и свесен дека понекогаш и најголемото внимание дадено на децата не е доволно. Пред две недели Лука падна на нос, а во тој момент до него бевме Ана, баба му и јас. Верувам дека и на воспитувачите не им е лесно, сега групата има над дваесет деца.

Ни се јавија од градинката да прашаат каква е ситуацијата со Лука – убав гест.

Еве една, речиси соодветна, шаблон реченица: „Така растат децата“. Веројатно така растат и родителите. Секое планирање, секоја активност содржи едно големо „НО“. Учиш да бидеш секогаш достапен, почесто одговорен, да бидеш подготвен… Не е ништо страшно, анксиозноста станува составен дел од тебе. Тоа го компензирате со насмевки, нови вештини, безгрижни детски лица додека спијат…

Автор: Дејан Патаки

Извор



912

X