На југот на Бразил најлошите поплави во последните 80 години: 37 лица загинаа, 74 се водат како исчезнати

Во обилните дождови на југот на Бразил, во сојузната држава Рио Гранде до Сул, загинаа 37 лица, а уште 74 се водат како исчезнати, објави државната агенција за цивилна одбрана.

Рекордните поплави уништија градови во областа и принудија илјадници да ги напуштат своите домови.

Ова е четврта ваква катастрофа во една година. 75 луѓе загинаа во големите поплави во јули, септември и ноември 2023 година.

Поплавите во Рио Гранде до Сул ги надминаа оние забележани за време на рекордниот потоп од 1941 година, тврди Бразилскиот геолошки институт.

Во некои градови нивото на водата е највисоко во 150-годишната историја на нивното мерење, објави агенцијата.

Претходниот ден, хидроелектричната брана меѓу градовите Бенто Гонкалвес и Котипора делумно се урна, па цели градови во долината на реката Такари, како Лајеадо и Естрела, беа целосно под вода.

Во градот Фелиз, на 80 километри од главниот град на државата Порто Алегре, надојдена река го однела мостот што го поврзувал со градот Лиња Нова.

Комуналните претпријатија и снабдувачите со електрична енергија пријавија прекини во дистрибуцијата на струја, комуникации и вода низ државата.

Повеќе од 23.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови, соопшти агенцијата за цивилна одбрана.

Хеликоптери постојано се над градовите, а семејствата со деца чекаат спас на покривите.

Врнежите почнаа во понеделникот и според метеоролозите се очекува да траат најмалку до утре.

Се очекува влошување на временските услови во Порто Алегре.

Времето во Јужна Америка е под влијание на климатскиот феномен Ел Нињо, периодичен, природен настан кој ги загрева површинските води во екваторијалниот регион на Тихиот Океан.

Во Бразил, Ел Нињо традиционално предизвикува суши на север и интензивни врнежи на југот на земјата.

Оваа година влијанието на Ел Нињо е особено драматично, со рекордна суша во Амазон.

Научниците велат дека екстремните временски настани стануваат се почести поради климатските промени предизвикани од човекот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното