Историско заострување на Америка со Израел

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Израелскиот премиер се реши за колизиски курс со американскиот претседател, па лидерот што ветува дека ќе го „уништи“ Хамас, ризикува да ја уништи сопствената политичка кариера

Беше неизбежно Америка да му возврати на израелскиот премиер, кој упорно ги игнорира сите повици од својот стратегиски сојузник да прифати прекин на огнот во Појасот Газа, да преземе мерки за да се намали бројот на палестински цивилни жртви и да се ублажи хуманитарната катастрофа и да размисли за плановите за решавање на децениската криза кога конфликтот ќе заврши.
Претседателот Џо Бајден, наспроти „безрезервната“ поддршка на Израел, предупредуваше дека таквото однесување на Бенјамин Нетанјаху ќе има последици и дека постои опасност премиерот со агресивната политика да ѝ нанесе „генерациска штета“ на глобалната репутација на својата земја.
Тогаш дојде времето да се плати сметката. Америка првпат од избувнувањето на војната не стави вето и така со својот воздржан глас овозможи Советот за безбедност на Обединетите нации да изгласа резолуција, која „бара“ итно примирје за време на исламскиот свет месец Рамазан и безусловно ослободување на стотината преостанати заложници што милитантниот палестински Хамас ги грабна при нападот врз Израел на 7 октомври.
Резолуцијата е обврзувачка, а ако Нетанјаху продолжи да се конфронтира со „пропалестинските“ ОН, задоволен поради тоа што нема да има санкции, ризикува да го турне Израел во длабока изолација. Премиерот избра да ги заостри односите не само со ОН, туку и со Америка, која од избувнувањето на војната во Газа, испраќаше уште повеќе воена помош од трите милијарди долари што Израел ги добива секоја година.
Налутениот Нетанјаху тргна по курс на судир на два фронта. Додека членот на воениот кабинет Бени Ганц изјавува дека резолуцијата „нема оперативно значење“, премиерот ги обвинува САД дека „отстапуваат“ од својата досегашна политика. Врвот на заострувањето, какво што не се памети, е провокативното откажување на посетата на двајца советници на Нетанјаху на Вашингтон. Нивната мисија беше да разговараат за големата израелска копнена офанзива врз Рафах, градот на југот на Појасот Газа, на чија поширока површина спас од постојаните бомбардирања и гранатирања побараа 1,4 милион палестински бегалци, повеќе од половината од вкупното население.
Вашингтон го поддржува Нетанјаху во пресметката со Хамас, но останува без опции додека се обидува да ги разубеди израелските лидери од инвазија без план за заштита на цивили, чиј број на жртви за пет месеци војна надмина 32.000. Израелскиот премиер се оглушува и на молбите и најавува дека не отстапува од нападот врз Рафах.
Претседателот Бајден сѐ поотворено покажуваше колку го нервира однесувањето на Нетанјаху. Шефот на Белата куќа уште од почетокот на конфликтот избегнуваше критики – за да ги избегне обвинувањата дека на Израел му ја скратил поддршката во најтешките денови. Кога се соочи со закана да биде идентификуван со бруталностите на израелската инвазија и така да ги изгуби гласовите од значаен дел од јавноста, тргна да се оддалечува од незгодниот сојузник.
Резервоарот на американското трпение почна да се исцрпува. Во говорот пред Конгресот за состојбата на нацијата Бајден експлицитно го изрази своето незадоволство: „Илјади и илјади невини, жени и деца. Девојчиња и момчиња сираци. Близу два милиона Палестинци се под бомби или се раселени. Домови уништени, квартови и градови во урнатини. Семејства без храна, вода, лекови“.
Водачот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер, конечно го изговори она што го мислат многумина пријатели на Израел. „Коалицијата на Нетанјаху повеќе не одговара на потребите на Израел по 7 октомври, потребни се нови избори“, порача сенаторот од Њујорк, кој е Евреин со најважната функција во земјата. Пораката е јасна: премиерот мора да замине.
Значаен дел од израелската јавност беше шокиран од изјавата на еден од нивните најлојални партнери, но не и Нетанјаху, кој повикот на нови избори (кои според сите испитувања би ги изгубил) го опиша како „целосно неумесен“, бидејќи би го принудил Израел да ги запре борбите. „Ние не сме банана-република. Народот на Израел ќе реши кога ќе има избори“.
Премиерот е свесен дека единствениот начин да ја изгуби власта е распуштањето на Кнесетот и распишувањето нови избори, врз што Американците немаат големо влијание. Затоа се труди со продолжување на војната во Газа да ги задоволи сопствените и интересите на екстремно десничарските коалициски партнери, на кои воопшто не им пречи пркосот кон Вашингтон.
Додека себе се претставува како најголема жртва на Хамас, партнерите во Владата ги наградува со политички и финансиски привилегии, кои никогаш не би ги добиле ако не се неговите отстапки. Религиските ционисти, радикалните националисти и ултраортодоксните Евреи ја држат коалицијата на куп, па свесни се дека премиерот е нивен заложник и му диктираат услови.
За да ја зачува власта, Нетанјаху не се осврнува на пораките од Белата куќа. „Бајден не само што губи време целејќи кон Нетанјаху, туку веројатно и му помага да се претстави себе си како храбар лидер, што стои пред Израел против целиот непријателски свет“, пишува угледниот израелски коментатор Аншел Пфефер.
Дали дел од тактиката на Нетанјаху е да предизвика конфликт со американската администрација за да може да го обвини Бајден дека го спречува да го победи Хамас? Притисокот од Вашингтон нема поволен прием кај мнозинството политички движења во израелското општество, кое се сврти кон десно. Дури ни опозицијата не смее да ризикува со раширени раце да ја прифати американската интервенција.
Секој тука си има свои калкулации. Бајден со конфронтирањето го намалува притисокот од сопствената јавност, која бара скротување на Израел. Нетанјаху на својата националистичка база ѝ се претставува како некој што е во состојба да ги отфрли сите притисоци, дури и ако доаѓаат од САД.
Се заканува дипломатска катастрофа. „Израел е на работ на бездна“, гласи насловот на редакцискиот уводник во либералниот „Хаарец“. Премиерот Нетанјаху ветува дека ќе го „уништи“ Хамас, ама повеќе се чини дека ја уништува сопствената политичка кариера.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот