Со најновото освежување на поголемиот SUV на Jaguar, клиентите кои ќе се одлучат за хибридната plug-in верзија може да сметаат на поголем капацитет на батеријата со која F-Pace може да помине 65 километри без да троши бензин

Британската автомобилска компанија Jaguar, која е под покровителство на индиската автомобилска компанија Tata Motors, пред седум години премиерно го претстави својот поголем теренец F-Pace, а по редизајнот што беше направен пред две години, во Ковентри, повторно пристојно го освежија моделот чијa конкуренција се неколку теренци од сегментот D.

Според медиумските информации, најзначајното подобрување за F-Pace се однесува на литиум-јонската батерија со поголем капацитет (19,2 kWh) која го напојува електричниот мотор во хибридната „plug-in“ верзија P400e, која сега без помош од дволитарскиот 4-цилиндерски турбо бензинец може да помине 65 километри (WLTP), што е за 20 отсто повеќе од претходната верзија.

Jaguar вели дека потребни се 30 минути за полнење на батеријата од 0 до 80 проценти на полнач со 35 kW DC, а два часа и 30 минути за полнење на батеријата од 0 до 100 проценти преку полнач од 7 kW. Комбинираната моќност не е променета, па plug-in F-Pace и понатаму нуди 400 КС и 680 Nm максимален вртежен момент, што е доволно за забрзување од 0 до 100 km/h за 5,3 секунди и максимални 240 km/h.

Без оглед на пакетот опрема, со најновото освежување, секој F-Pace со себе носи алуминиумски тркала од 19 инчи, дигитална инструмент табла и мултимедијален систем Pivi Pro со гласовна контрола што е компатибилна со апликациите Apple CarPlay и Android Auto. Најмоќниот F-Pace ја носи ознаката SVR и е придвижуван од 5-литарски V8 бензински мотор кој, со помош на механички компресор, нуди 550 КС и 700 Nm максимален вртежен момент. SVR забрзува од 0 до 100 km/h за четири секунди и развива 286 km/h.

Доколку нешто во меѓувреме не се смени, претходно беше најавено дека од 2025 година Jaguar ќе произведува автомобили само со електрични мотори, па во приказната од нивната сегашна понуда ќе остане само моделот I-Pace.