ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Немаме критичари за трилерот како жанр во книжевноста, вели Кузмановски авторот на „Бахус“

Сашо Кузмановски/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

На Светскиот ден на книгата, 23 април,  „Слободен печат“ ви предлага еден нов наслов, книгата „Бахус“ од авторот Сашо Кузмановски, спортски новинар и писател. Станува збор за вториот дел од трилогијата којашто ја замислил Кузмановски.

Во „Бахус“ дејствието е испреплетено во две временски рамки едната во древното минато од почетокот на новата ера, а другата од денешницата, од современиот свет. Во книгата се зборува за култ стар 2000 години, за убиства и истрага која поврзува неколку човечки судбини.

Мистиката е на пиедестал, дури во граница на езотерија вели Кузмановски за „Слободен печат“.

– Трилерот како жанр е многу популарен во последно време, не само кај нас туку воопшто во светот. „Бахус“ носи една интересна приказна која се одвива овде на наше тло, дејствие кое се одвива на наши локалитети и локации и тоа го прави интересно и примамливо за читателите. Се работи за специфично дело кое опфаќа една митолошка гранка со култови, обредни ритуали, секти, религија кои влечат корени од пред многу векови до денес – вели Кузмановски.

Сашо Кузмановски/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Истражување, читање, консултација со стручни лица се дел од сегментите кои претходеле на создавањето на ова дело, конкретно поврзано со култовите, археологијата.

– Јас не сум археолог, но ме интересира историјата, секако дека читав, истражував многу околу тој дел за кој раскажувам во книгата, сепак ова е роман, фикција, дозволува и имагинација. Овој дел од содржината може да биде доволно близок за читателот, но не сакав да го заморувам со детали, сепак ова не е стручна литература – вели Кузмановски.

Според Кузмановски кај нас недостасува критика за крими-трилерите.

– Проблем е што кај нас немаме критика за трилер. Би ме радувало да имаме критичари за овој жанр. Ние немаме ни доволно македонски автори кои пишуваат трилери. Соседството забележувам дека оди напред, но ни таму не е задоволително како што е на запад – појаснува Кузмановски.

Вие откако ќе ја прочитате книгата нема да го гледате локалитетот Стоби со исти очи, но нема да откриваме ништо повеќе од ова.

Целиот разговор погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот