ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Скандал во британски пошти: Сужбеници осудени на 20 години поради грешка на компјутер

Жанета Скерлев/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Периодов во Англија во тек е судски процес за невидениот скандал со британската пошта. Пред 20 години, раководители на поштите во Англија биле обвинети и осудени за кражба на пари од поштите. Од тогаш, животот на овие луѓе драстично им се менува, вклучувајќи ги и нивните семејства. Дел од овие судбини завршиле и трагично со самоубиства, сакајќи да докажат и покажат дека не се виновни и се чувствувале дека не се виновни, а тоа било така затоа што овие луѓе, овие раководители коишто биле осудени, всушност, не биле виновни за ова дело.

По две децении на инсистирање на еден од оштетените кој не се откажувал за да докаже дека не е виновен се утврдило дека сите обвинети се во право, а за „кражбата“ односно недостигот на огромната сума на пари е виновен системот „Хоризонт“, појаснува Жанета Скерлев, новинар и колумнист од Лондон за „Слободен печат“.

– Меѓу 1999 година и 2015 година, повеќе од 900 службеници, односно раководители на пошти, оние мали пошти што ги има во секое маало, во секој село, кои се всушност и животот на луѓето, бидејќи во некои делови таму каде што нема банки, тие се банките, тие даваат пари, земаат пратки итн. Поштата е во сопственост на владата, пред 20 години државата ги обвини службениците дека проневериле пари, оттогаш и за нив и за нивните семејства,животот се сврте наопаку за 180 степени. Овие години мораа да ги враќат парите, некој од нив мора да ги заложат сопствените домови, да позајмуваат пари, значи животот им се смени, додека не се откри дека станува збор за компјутерска грешка – вели Скерлев.

Компјутерскиот систем „Хоризонт“ преку кој внесуваат и изнесуваат пари, се бележи прометот на поштите, на поштенските граници, токму тој е главниот „виновник“ за оваа колатерална штета.

– Токму таа компјутерска грешка буквално им го уништи животот на луѓето, и овие недели слушаме сведоштва од нив, како во мали места имало и осуди од соседите, животот им се сменил … Некои од нив не можејќи да го поднесат срамот, не можеле да поднесат тоа да не можат да излезат од дома заради тоа што биле обележени како измамници. И не само тие туку и нивните семејства страдале од осуда, потсмев „татко ти е крадец, мајка ти се крадец, како не ти е срам, вие ги крадете парите“. Во тек е судскиот процес, веќе три недели се преслушуваат службениците и нивните семејства – вели Скрелев.

За да се разоткрие сево ова заслужен е еден човек вели нашата соговорничка.

– Ова е голем скандал за Велика Британија, да не беше упорноста на еден човек, на еден поштенски службеник кој не можеше да се помири, кој знаеше дека не е виновен, дека стопати ги провери, почна еден по еден да ги собира податоците и од другите негови колеги, почна да поставува незгодни прашања. На тој начин тој полека почна да покажува и да докажува дека не биле грешките во поштенски службеници.

Нема медиум, нема весник, нема сајт, нема поткаст, нема радиоемисија, додава Скерлев, која не се занимава со ова тема во Англија.

– Револтот и реакцијата на јавноста доведе до тоа дека мора да се доврши оваа истрага, мора да се стигне до крајот кој е точно одговорен и мора да се признае дека компјутерот не е секогаш во право. Дека една компјутерска грешка го направи целиот овој скандал, а упорноста на еден човек направи да се добие поголем публицитет и да се изведат одговорните пред лицето на правдата и да се добијат одговори за целиот овој скандал – рече Скерлев.

За оштетените најважно е да им се обели образот, бидејќи никој не може да им го врати времето, а парите ќе им бидат надоместени, но за нив се веќе неважни, појаснува таа.

Целиот разговорот погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот