Ексклузивно интервју со г-дин Никола Ѓурѓај, Претседател на Македонското друштво “Илинден”-Тирана, за Централниот совет на Македонците во Германија

Кои значајни пресвртници и успеси успеавте да ги постигнете досега како претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана?

НЃ: Идејата за формирање на македонското друштво “Илинден”-Тирана дојде од неколкумина млади Македонци, а целта беше поинакво дејствување од дотогаш практикуваното, за заштита и афирмација на Македонците во Република Албанија. Еве, 15 години од формирањето на македонското друштво “Илинден”-Тирана се бори за заштита на правата на Македонците во Република Албанија, но и за афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет на Македонците во Република Албанија.

Како претседател, заедно со моите соработници, имавме можност да оствараме голем број работни и официјални средби со политички и општествени фактори. Се среќававме и соработувавме со владини и невладини институции како во Република Албанија, така и во матичната држава Македонија. Не помалку активно работевме на развивање на соработка со меѓународни организации. При сите средби со претставниците на државните институции во Република Албанија, во матичната држава Македонија и во европските институции, ги искористивме сите пригоди за размена на мислења за важни прашања за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија. Иако не секогаш постигнувавме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак, изразувам благодарност на сите државни институции во Република Албанија, во татковината Македонија и низ светот.

Голем успех е членството во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Сметам дека е потребно да истакнам дека македонското друштво “Илинден”-Тирана е првото друштво од Република Албанија формирано од малцинствата и од сите македонски друштва низ Европа, кое е рамноправен член на ФУЕН од 16 мај 2015 година и е дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Како активен партиципант во ФУЕН, членови на друштвото досега учествуваа на сите конгреси и поднесуваа резолуции, што придонесува Македонско друштво “Илинден”-Тирана да биде силен глас на Македонците во Република Албанија.

Еден од големите успеси на македонското друштво “Илинден”-Тирана е тоа што од новата академска 2023/2024 година ќе може повторно да функционира Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана. Заедничките залози на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Македонското друштво “Илинден”-Тирана, за остварување на иницијативата за повторно отворање на Лекторатот, дадоа конкретни резултати. Со официјален допис упатен до Македонското друштво „Илинден“, Деканатот на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, претставен од деканката, проф. д-р Есмералда Кромида, даде позитивен одговор на барањето за повторно отворање на Лекторатот.

Можете ли да ни пренесете за предизвиците со кои се соочува македонското малцинство во Албанија и како сте придонеле за нивното надминување?

НЃ: Слободно можеме да кажеме дека за Македонците во Република Албанија најголем проблем е немањето на право на образование на македонски мајчин јазик во областите Голо Брдо и Гора, како и во поголемите градови, како Тирана, Елбасан, Корча, Билиште, Поградец. За жал, само во Мала Преспа македонските деца учат на мајчин јазик, и тоа само во основно и средно образование. Воочувајќи го ова како голем проблем за Македонците во Албанија, поднесовме иницијатива за реактивирање на лекторатот по македонски јазик во Тирана. Сме многу среќни што во Тирана има Лекторат по македонски јазик, и се надеваме дека ќе се подигне иницијатива за претворање на лекторатот во катедра по македонски јазик.

Друг голем проблем за Македонците во Голо Брдо е работното време на граничниот премин Џепиште – Требиште, кој беше отворен во мај 2013 година. Владите на Република Македонија и на Република Албанија, на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година, донесоа одлука граничниот премин Џепиште – Требиште да работи 24 часа. И покрај тоа, оттогаш до денес преминот не работи 24 часа, туку со редуцирано работно време. Во неколку наврати, ние како друштво баравме овој граничен премин да работи постојано, поради потребите на граѓаните од двете страни на границата, но досега нема позитивно решение за проблемот. Друг голем проблем за Македонците во областите Голо Брдо, Гора и Мала Преспа претставува патната инфраструктура, која е главна причина за слабиот економски развој на овие области, населени со македонско население. Во катастрофална состојба е и здравствената заштита во населените места, бидејќи или нема објекти за таа намена или се во исклучително лоша состојба. Македонците од областа Голо Брдо имаат големи проблеми поради тоа што во 2014 година Владата на Република Албанија ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево, за првите две да ги приклучи кон општината Булќиза. Укинати се и општините Шиштевац и Запот во областа Гора, кои сега се приклучени кон општината Кукс. На тој начин, единствена македонска општина во Република Албанија остана општина Пустец во областа Преспа. И покрај сите барања и аргументи на претставниците на македонската заедница во укинатите општини во 2014 година, индивидуално или преку македонското друштво “Илинден”-Тирана и македонското друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо, барања за формирање на општините Голо Брдо и Гора сè уште не добија одговор.

Кои стратегии сте користеле за засилување на свеста за потребите на македонското малцинство, како на локално така и на национално ниво?

НЃ: Основните задачи на Македонското друштво “Илинден“-Тирана се утврдени како заштитата и афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, верски, културен и наследство на Македонците во Република Албанија. Друштвото работи на промоција и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, верски, културен и наследство, организирање на фолклорни фестивали, курсеви по македонски јазик, штампање на различни промотивни материјали. Македонскиот весник “Илинден” игра значајна улога како промотор на сите Македонци во Република Албанија.

До која мера работата на Македонско друштво “Илинден”-Тирана допринесе за подигнување на културниот идентитет и образованието на македонската заедница во Албанија?

НЃ: Македонското друштво “Илинден“-Тирана, во своите 15 години постоење, работи на промоција на македонскиот етнички, јазичен, верски, културен и наследство на Македонците во Република Албанија. Таа продолжува со оваа работа и во иднина.

Кои моментални предизвици стојат пред македонското малцинство во Албанија и како планирате да ги преодите?

НЃ: Најголемиот предизвик за Македонците во Република Албанија е асимилацијата и иселувањето од областите Голо Брдо, Преспа, Гора и Врбник, како и од полеглемите градови. Планираме да работиме на подобрување на ситуацијата во тие области за задржување и развој на македонската заедница.

Каква улога игра Македонско друштво “Илинден”-Тирана во поддршка на интеркултурниот дијалог и соработката помеѓу различните етнички групи во Албанија?

НЃ: Македонското друштво “Илинден“-Тирана има соработка со организации што претставуваат различни етнички групи во Република Албанија и промовира интеркултурниот дијалог и соработката за добро на малциствата во знак на взајмено почитување и соработка.

Како би ги оцениле влијанието на политичкиот развој на Албанија врз правата и состојбата на македонското малцинство?

НЃ: Политичкиот развој на Република Албанија има влијание и на малциствата, вклучително и на Македонците. Малциствата, вклучувајќи го и македонското малцинство, треба активно да се вклучат во политичкиот процес за да се подобри нивната состојба.

Како изгледа соработката помеѓу Македонско друштво “Илинден”-Тирана и другите организации, како на пример Централниот совет на Македонците во Германија, и кои други организации играат значајна улога во постигнување на вашите цели и проекти за македонското малцинство во Албанија?

НЃ: Македонското друштво “Илинден“-Тирана работи во соработка со другите македонски организации. Во 2012 година потпишавме меморандуми за соработка со Македонскиот клуб “Илинден”-Лацен, Германија, а на 30 мај 2023 година потпишавме Меморандум за соработка со Централниот совет на Македонците во Германија. Целта на овие соработки е промоција на македонските национални, традиционални и историски вредности на национално и меѓународно ниво. Овие партнерства имаат за цел да реализираат заеднички проекти како истражувања, креирање, развој и промоција на македонската култура, размена на деца и младинци како учесници во разни манифестации, како и промовирање и поддршка на научни, културно-уметнички, спортски и хуманитарни активности и манифестации.

Во име на Централниот совет на Македонците во Германија, ви благодариме за разговорот и за соработката. Ви посакуваме личен и професионален успех, особено во соработката со нас од Централниот совет на Македонците во Германија.

НЃ: Ви благодариме на вас за оваа можност. Исто така, ви посакуваме успех и како партнери да ги зголемиме нашите заеднички настапи, а соработката со вас ке биде од големо значење за нас. Благодарам ви за интервјуто и за соработката./www.zentralratdermakedonen.de

Advertisement