И Зијадин Села ќе ќари од договорот со Али Ахмети

Али Ахмети и Зијадин Села / Фото Колаж на Слободен печат

Функционери од двете партии брифираа дека во Европскиот фронт, делот на Алијанса за Албанците предводен од Зијадин Села, влегува со четири добитни места на листите за пратеници, а можно е да обезбеди и пет, што во преговорите беше услов за влез во коалицијата.

Зијадин Села и Али Ахмети се очекува да си подадат рака за предизборна соработка в сабота откако попладнево партиските органи на ДУИ и на дел од Алијанса за Албанците се очекуваше да дадат виза за заеднички изборен настап во Европскиот фронт.

Одлуката Алијанса на избори да оди со Европскиот фронт се очекува денеска во Скопје да добие потврда од Централното собрание на партијата,  по што вечерва ДУИ во Мала Речица ќе ги финализира изборните листи на Европскиот фронт. Во нив, освен „интегративците“, покрај учеството на делот од Алијансата за Албанците, предводена од Села, ќе се најдат и претставници на Народната партија на Скендер Реџепи Зејд, на Европска демократска партија на Арјанит Хоџа, на ДПА на Мендух Тачи, на Демократска партија на Турците на Иљаз Бејџан и на Унијата на Ромите. Фронтот можеби ќе се засили и со невладини организации.

Добитни позиции за Алијансата

Функционери од двете партии брифираа дека Алијанса во Фронтот, предводен од Ахмети, влегува со четири добитни места на листите за пратеници, а можно е да обезбеди и пет, што, пак, во преговорите беше услов на Села за влез во коалицијата, односно да има своја пратеничка група. Како што веќе објави „Слободен печат“, ДУИ отстапи само едно носителско место на листите, и тоа токму за Села. Иако листите се сè уште отворени, според информациите, со исклучок на Села, носителите на листите на Европскиот фронт се од ДУИ, и тоа Блерим Беџети во „единицата“, „двојката“ ќе ја предводи Садула Дураку, во Третата изборна единица носител ќе биде Сулејман Баки од Турска невладина организација, „петката“ ќе ја предводи Села и традиционално прв во Шестата изборна единица ќе биде Али Ахмети. Од Алијансата на добитни позиции во „шестката“ ќе бидат Илире Даути и Илир Демири, четврти во „двојката“ ќе биде Елми Азири, а битката на Села е да обезбеди добитно место и во Првата изборна единица за актуелниот министер за информатичко општество Наим Бајрами.
Села претходно ја навести коалицијата со Ахмети откако ја исклучи можноста Алијанса сама да оди на избори, бидејќи нема судска разрешница за печатите на партијата, откако се случи расцепот во партијата меѓу собраниските делегати што го поддржуваат него, односно Арбен Таравари. Како втора опција Села спомна дека е можно да не учествуваат на изборите, што е речиси невозможно.
Добитни места на листите на Европскиот фронт веќе обезбеди Реџепи Зејд од Народната партија, кој е втор во „двојката“, потоа Арјанит Хоџа и Бастри Бајрами од ЕДП во „шестката“ и во „двојката“, а Мендух Тачи – во Шестата изборна единица.
Ахмети и Курто Дудуш од Унијата на Ромите и официјално ја формализираа соработката во Европскиот фронт. Оваа партија ќе добие пратеничко и директорско место.

 „Вреди“ во дилема за носителот во „петката“

Албанската опозициска коалиција „Вреди“ веќе ги објави носителите на листите за пратеници. Лидерот на Демократско движење Изет Меџити е носител во Првата изборна единица, „двојката“ ќе ја предводи претседателот на Алтернатива Африм Гаши, на „петката“ носител ќе биде претставник од делот на Алијансата на Арбен Таравари. Дилемата на „Вреди“ е дали носител во „петката“ да биде Беким Поцеста, кој е од Дебар или да настапат со стружанец, чие име уште не е дефинирано. Шестата изборна единица ќе ја предводи лидерот на Беса, Билал Касами. Беким Ќоку од косовската „Самоопределување“ и Халил Снопче од Алијанса ќе бидат втор или четврти во „шестката“.

СДСМ минатиот викенд го одреди носителите на пратеничките листи, а завчера информираа и за коалициските партнери со кои заедно ќе настапат на парламентарните избори. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, ќе ја предводи Првата изборна единица, во „двојката“ прв е Оливер Спасовски, во Третата изборна единица носителка е Сања Лукаревска, во „четворката“ – Венко Филипче, Петата изборна единица ја предводи Јован Митрески, додека во „шестката“ прва е Славјанка Петровска.
СДСМ на изборите ќе настапи со коалицијата „Коалиција за европска иднина“ во која, освен СДСМ, партиципираат и партиите НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО-НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и Движењето Нова Република.

Носители на листите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се претседателот Христијан Мицкоски во Првата изборна единица, Владо Мисајловски во „двојката“, Драган Ковачки во Третата изборна единица, „четворката“ ќе ја предводи Александар Николоски, прв во Петтата изборна единица е Ѓоргија Сајкоски, а Дафина Стојаноска е прва во „шестката“. ВМРО-ДПМНЕ вечерва се очекува да ги утврди пратеничките листи.
Од ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе ги објават коалициските партнери, но освен нивните традиционални партнери – Социјалистичката партија и Демократска партија на Србите, предизборно кон ВМРО-ДПМНЕ се приклонија и Демократски сојуз, Достоинство, Бошњачка народна партија, СДУ, Обединетата партија за еманципација на Ромите, Македонски концепт, Обединети за Македонија и ТМРО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот