МВР регистрира мал број инциденти на гласачките места

Од МВР упатуваат апел до граѓаните и до учесниците на изборите во текот на гласањето да се воздржат од какви било инциденти, а доколку се забележи нарушување на изборниот процес тоа да се пријави во најблиската полициска станица.

Фотографирање гласачко ливче, летоци оставени врз автомобили, испишани графити и пронајдена испукана димна бомба, се инциденти за кои информираше Министерството за внатрешни работи, а кои се регистрирани утрово од отворањето на гласачките места.

Сепак, како што информираше помошникот на министерот за односи со јавноста Тони Ангеловски досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно тоа се одвива мирно и без проблеми.

„Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче и тоа едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, имаме едно лице кое му го покажало гласачкото ливче на набљудувач“, рече Англеловски на прес-конференцијата.