УШТЕ ЕДНА ПОТЕРНИЦА: Русија го бара и командантот на копнените сили на Украина, Александар Пављук
Објавено во: Свет 05 Мај, 2024
Русија распиша потерница и за командантот на копнените сили на Украина, Александар Пављук.
Министерството за внатрешни работи на Русија синоќа распиша потерница за командантот на копнените сили на Украина, Александар Пављук.
По Пављук е распишана потерница поради „кривично дело“, но не е прецизирано за кое кривично дело, јавија руските медиуми. На 11 февруари, Пављук е назначен за командант на копнената армија, а пред тоа беше прв заменик – министер за одбрана на Украина.
Министерството вчера распиша потерница и по украинскиот претседател Володимир Зеленски и поранешниот претседател, Петро Порошенко.
„Руското Министерство за полиција ме стави на потерница. Дали не им се допаднаа нашите беспилотни летала или нашиот контрашпионски систем, кој моментално работи против руските беспилотни летала? А можеби и нашата опрема и друго оружје, не сум сигурен“, напиша Порошенко на социјалните мрежи, објави украинскиот портал prm.ua.
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека распишаната потерница од страна на Русија за претседателот Володимир Зеленски е „доказ за очајот на рускиот државен врв и пропаганда“, пишува Украинска правда.