Рубрика: Електроника
Надградете го вашиот калкулатор RIZ DESCOM 86
Автор: Горан Џамбазов
Објавено на 26.06.2023 - 13:45

Калкулатор RIZ DESCOM 86

DESCOM 86 е џебен калкулатор произведен од RIZ (RIZ – Radio Industrija Zagreb), некаде во средината на 70-тите години. Ова е едноставен калкулатор кој може да ги извршува само четирите основни аритметички операции и да пресметува проценти. Има дисплеј со црвени светлечки диоди, со вкупно 9 цифри и може да се напојува од батерија од 9V или со надворешен адаптер за мрежен напон.

Постојат уште две понапредни варијанти на DESCOM 86, многу слични по изглед на овој модел, но со дополнителни функции: DESCOM 86 M, кој покрај основните функции има и меморија, и DESCOM 86 S, кој дополнително има и тригонометриски, експоненцијални и логаритамски функции.

Пред извесно време во мојата скромна збирка на стари електронски уреди и калкулатори се најдоа и два калкулатори DESCOM 86. И двата беа неисправни, со очигледни знаци на претходни обиди за поправка. Поправките беа едноставни и двата калкулатори набрзо беа вратени во нормална состојба на речиси целосна функционалност.

Калкулатор RIZ DESCOM 86 (лево) и главната плочка на калкулаторот RIZ DESCOM 86 – од долна страна (средина) и од страна со компонентите (десно)

Во текот на поправката, за појасна претстава за електричните врски помеѓу компонентите во колото, се послужив и со достапните каталошки податоци за главното интегрирано коло употребено во овој модел, C-595, од General Instrument Corporation. А таму наидов на нешто интересно и во прв момент неочекувано! Покрај основните функции, колото C-595 всушност имало и мемориски функции – нешто што производителот RIZ не го вклучил во основниот модел DESCOM 86. Па така, во тој момент, добив идеја да го надградам овој калкулатор и да ги направам овие функции достапни за корисникот, и тоа на начин што нема значително да го промени оригиналниот изглед на калкулаторот.

Во исто време претпоставив, а подоцна тоа и го потврдив, дека RIZ всушност го употребил истото интегрирано коло и истата основна плоча и кај двата модели (DESCOM 86 и DESCOM 86 M), а мемориските функции ги направил достапни само во моделот DESCOM 86 M, како за понапреден и најверојатно нешто поскап модел од основниот. Ваквиот пристап е сосема логичен, бидејќи така, на едноставен начин (со мали разлики во внатрешниот дизајн), може да се обезбеди понуда на неколку модели, со функции и цени соодветни на потребите на корисникот, без тоа да доведе до дополнителни трошоци за производството.

Изработеното коло за надградба на калкулаторот RIZ DESCOM 86

Деталите за изработката и демонстрацијата на работата на надградениот калкулатор можете да ги видите на следното видео:

Да, се согласувам дека на прв поглед ова можеби изгледа како прилог што ќе беше многу посоодветен во некои други, минати времиња. Но, ако тогаш за вакво нешто можеби би се зафатиле оние кои активно го користат овој калкулатор и навистина ги интересира дали и како може да го надградат, сега очекувам прилогов и преставеното коло за надградба да бидат интересни барем за колекционерите на стари електронски уреди и оние кои се интересираат за историјата на електронските калкулатори.

Секако, оние кои имаат желба, време и знаења за ваков тип на  експерименти, на сличен начин може да направат надградба и на некој друг калкулатор.

Клучни зборови:
Калкулатор RIZ DESCOM 86

Калкулатор RIZ DESCOM 86

Калкулатор RIZ DESCOM 86

Калкулатор RIZ DESCOM 86

Главната плочка на калкулаторот RIZ DESCOM 86 (долна страна)

Главната плочка на калкулаторот RIZ DESCOM 86 (долна страна)

Главната плочка на калкулаторот RIZ DESCOM 86 (страна со компонентите)

Главната плочка на калкулаторот RIZ DESCOM 86 (страна со компонентите)

Изработеното коло за надградба на калкулаторот RIZ DESCOM 86

Изработеното коло за надградба на калкулаторот RIZ DESCOM 86