Кога децата се однесуваат лошо (читај: прават работи што не сакате да ги прават), многу родители велат: „Па, ќе ги научат животните лекции преку природните последици“.

Ова би значело: последици што родителот не ги создава (на пример, некоја казна), туку што се случуваат природно, поради однесувањето или изборот на вашето дете. На пример, ако вашето дете не си ја заврши домашната задача, тогаш ќе добие лоша оценка, што ќе го вознемири и најверојатно тоа ќе резултира со завршување на домашната задача во иднина. Ова се пет начини на кои природните последици го олеснуваат родителството:

Завршување на бескрајната валидација

Кога децата се лоши или груби кон родителите во денешната култура чиј центар е детето, родителите често се обидуваат да го игнорираат тоа и/или да ги потврдат основните чувства на детето.

Пример – Петгодишно дете вели: „Те мразам, ти си најлошата мајка“. Вие ги задушувате вашите чувства и одговарате: „Звучиш луто. Жал ми е што си вознемирен/а“.

Ова не му дава на вашето дете прецизно сфаќање за тоа како луѓето во светот имаат тенденција природно да реагираат кога сте груби кон нив. Па така, верувам дека е поздраво да се одговори со „Тоа ги повредува моите чувства“. Потоа можете да се занимавате со тоа да сфатите зошто детето е луто и да работите со него за да го решите конфликтот. Но, бескрајната валидација не му помага на детето да се претвори во возрасен човек кој е свесен за својот капацитет за повредување на другите со своите зборови и постапки.

Не додавајте масло на вашиот оган (вашите проблеми)

Ако детето не прави избори што се добри за семејството, а тоа резултира со лоша ситуација, природните последици обично значат дека вие природно одлучувате да престанете да ја влошувате ситуацијата. На пример, природна последица од тоа што вашето дете има неуредна соба е тоа што не сакате да му купите ништо друго што може дополнително да ја натрупа неговата соба. Ако веќе постојните работи не можат да се средат, не треба да пристигаат уште нови работи. Тоа е начин да заштедите пари, а исто така да го мотивирате вашето дете да чисти.

Ограничување на безусловното одобрување

Има родители кои, со најдобри намери, ја спојуваат безусловната љубов со безусловно одобрување. Првото е неопходно и здраво за детето, додека второто го изложува на ризик вашето дете од тоа да стане прилично опседнато со себе.

Ако ги следите вашите природни инстинкти, ќе го научите вашето дете што всушност одобрувате, а што не, и ова може да биде корисен водич за разбирање на светот. На пример, ако моето дете прави лоша работа и пишува неискрена или несредена роденденска честитка за пријател, јас нема да кажам: „Ми се допаѓа!“ Ова не го учи моето дете ништо за тоа каков вид картичка всушност би требало да изработи за неговиот пријател, ниту пак како да вложи труд за сето тоа.

Ако престанете да лажирате одобрување и почнете природно да реагирате, ќе си заштедите напор, ќе бидете автентични и ќе го научите вашето дете за светот кој го опкружува.

Поттикнување одговорност кај детето

Ако децата не помагаат низ домот и не ја сносат својата одговорност, ќе бидете под стрес и изморени.

Многу луѓе што пораснале како „деца-родители“ (значи, деца кои морале да ја имаат родителската улога во односот со депресивен родител, некој кој употребувал психотропни супстанции или бил на друг начин дисфункционален родител) решаваат дека нивните деца никогаш нема да мора да се чувствуваат оптоварени со домашната работа или другите „возрасни“ одговорности.

Тие често не бараат од нивните деца одговорности или не им даваат задолженија, што значи дека родителот се чувствува еднакво под стрес и преоптоварено како и во сопственото детство!

Наместо тоа, бидете отворени за тоа кога ви треба помош и што можат да направат вашите деца за да се вклучат. Природните последици од тоа што не им помагате на другите се тоа што другите се чувствуваат навредени и огорчени – колку порано децата го научат ова во животот, толку полесно ќе функционираат нивните меѓучовечки односи.

Спречување прекумерна интервенција

Ако вашето дете изгуби пријател затоа што не се однесува убаво, вие секако можете и треба да му дадете совет, но често најдоброто искуство за учење на детето е она што се случува во неговата средина. Ако вашето дете има некој лош став кон другите и сте се обиделе да го наведете да постапува поинаку, но не ве слуша, отстапете и оставете последиците да дојдат природно.

Ова може да звучи грубо, но сепак имате ограничувања на она што можете да го контролирате, а општествено погрешните чекори на детето кои служат како искуства за учење може и вам да ви помогнат да бидете помалку загрижени за детето. (Очигледно, ако детето е насилно или малтретирано, запрете го тоа што побрзо.)

Природните последици се фантастичен начин да се каже: „Нека животот си оди по својот тек“.

Не обидувајте се да бидете совршен, роботизиран родител кој може да го преземе секој товар и никогаш да не ги повреди своите и чувствата на детето – ова само го учи вашето дете подоцна во животот да биде егоцентрично. Однесувајте се кон себе со истата љубов и сочувство како што се однесувате кон вашето дете и не обидувајте се да го спасите од природните последици на неговите постапки.

Автор: Саманта Родман Вајтен

Извор



912

X