Многу луѓе мислат дека никогаш не би можеле да остават дете во автомобил, но ново истражување покажува дека тоа може секому да му се случи и не е важно дали некој е „добар“ или „лош“ родител.

Д-р Дејвид Дајмонд, когнитивен невролог кој ја проучувал улогата на меморијата во таквите трагедии, открива дека огромната количина на стрес со кој се соочуваат повеќето родители на дневна основа ги прави овие типови на губење на меморијата поверојатни.

„Заборавањето на детето не е проблем од невнимание, тоа е проблем со меморијата“, вели д-р Дајмонд, професор по психологија на Универзитетот во Тампа, Јужна Флорида.

Од 1998 година околу 950 деца починале во вжештени автомобили во САД, а повеќе од половината од нив несвесно биле оставени од нивните старатели.

„Најчесто ќе слушнете дека само лоши или невнимателни родители можат да остават дете во автомобилот. Но, вистината е дека тоа може да му се случи на секого, тоа е прашање на околности”, изјавил Дајмонд.

Истражувањето на Дајмонд покажува дека поради тоа што повеќето семејства ги менуваат секојдневните рутини во текот на летото, што ги нарушува нивните нормални начини на однесување, трагичните инциденти како заборавање дете во вжештен, автомобил стануваат сѐ почести.

„Најлошото нешто што секој родител или старател може да го направи е да мисли дека вакво нешто никогаш не би можело да му се случи нему или на некој од нивното семејство“, вели Џенет Фенел, основач и претседател на „KidsAndCars.org“.

Како функционира мозокот кога е во прашање меморијата?

Постојат два вида работна меморија: проспективна и семантичка. Проспективната меморија ни помага да запомниме да направиме нешто во иднина, додека семантичката меморија ни овозможува да возиме на „автопилот“, односно да стигнеме некаде без да ги запомниме јасните детали за тоа како сме дошле дотаму.

Додека проспективната меморија ни помага да ги промениме нашите секојдневни рутини и модели на однесување, кога сме под стрес или сме расеани, овој дел од нашата меморија може да откаже.

„Мораме да го прифатиме фактот дека нашиот мозок извршува повеќе задачи и поради тоа може да се изгуби свеста за детето. Мораме да прифатиме дека човечката меморија е со недостатоци. Родителите можат да бидат полни со љубов и внимание, а во исто време да ја изгубат свеста за нивните деца додека се во автомобилот“, предупредува Дајмонд.

Неговото истражување покажало дека судирите помеѓу семантичката и проспективната меморија се нормални и им се случуваат на сите, речиси секојдневно, а не само на родителите и старателите.

Извор



912

X