Линкови за пристапност

Бајден и Трамп ги осигураа претседателските номинации


Во ноември се очекува реприза на претседателската трка од 2020 година
Во ноември се очекува реприза на претседателската трка од 2020 година

Американскиот претседател Џо Бајден ја осигури претседателската номинација на Демократската партија, а кусо потоа и поранешниот претседател Доналд Трамп ја обезбеди номинацијата на републиканците. Во ноември се очекува реприза на претседателската трка од 2020 година.

И Трамп и Бајден победија на прелиминарните избори во вторникот во сојузните држави Џорџија, Мисисипи и Вашингтон, обезбедувајќи доволно делегати за мнозинство во нивните партии.

Бајден освои 102 делегати помалку од потребните 1.968 за формално да стане демократски кандидат, додека на Трамп му недостигаа 137 делегати од потребните 1.215 за да ја добие републиканската номинација.

Бајден се соочи со само номинална опозиција за да стане демократски кандидат. Трамп, во меѓувреме, порази неколку републиканци на прелиминарните избори, вклучително и поранешната амбасадорка на САД во Обединетите нации (ОН) Ники Хејли и гувернерот на Флорида Рон ДеСантис.

Другите кандидати, вклучително и поранешниот потпретседател Мајк Пенс, се откажаа пред неколку месеци поради недостаток на поддршка од гласачите наспроти очигледното држење на Трамп на голема база републикански гласачи.

Дури и без официјално да бидат достапни номинациите на нивните партии, и двајцата кандидати се во целосна кампања осум месеци пред изборите, со напади еден кон друг.

Во своето обраќање за состојбата на нацијата минатата недела, Бајден го спомна „мојот претходник“ 13 пати, никогаш не спомнувајќи го Трамп по име, туку прикажувајќи визија за тоа како би изгледало второто претседателство на Трамп.

Трамп се потсмева на возраста на Бајден (81), иако тој е само четири години помлад.

„Претпоставувам дека тој ќе биде кандидат“, рече Трамп за Бајден на Си-Ен-Би-Си во понеделникот.

„Јас сум неговиот единствен противник освен животот, самиот живот“.

Повеќето рани национални анкети покажуваат дека Трамп има мала предност пред Бајден и во неколку од клучните сојузни држави, кои најверојатно ќе го одредат националниот исход на гласањето на 5 ноември.

Но, Трамп се соочува и со четири кривични тужби кои опфаќаат 91 обвинение, а едно судење ќе започне на 25 март.

Дали некој од другите случаи ќе отиде на суд пред изборите е неизвесно, но некои гласачи им рекоа на анкетарите дека нема да гласаат за Трамп доколку тој биде осуден за некое од обвиненијата.

Некои информации во текстот се од АП и Ројтерс

XS
SM
MD
LG