Таткото на Вања нема контакт со другата ќерка: Не сум веќе ни родител, ни татко – ехо од човек остана од мене

Судење на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Се соочувам со апсурдни обвинувања до апсолутност. Во моментите кога не можев да пуштам ниту глас, ниту солза, бев обвинуван во полициска станица и тоа за работи што не ми се јасни и не ги разбирам.  Ми одзедоа се. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од мене. И јас водев моја истрага. Би сакал да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова и сите тие се подеднакво виновни. 

Со овие зборови, низ солзи, Александар Ѓорчевски, осомничен за помагање во грабнувањето на неговата 14-годишна ќерка Вања Ѓорчевска, која беше убиена, денеска пред Врховниот суд побара да биде пуштен од притвор каде е држен со месеци.

Во меѓувреме, како што истакна неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегџиќ, семејната трагедија што ја преживува неговиот клиент ескалира бидејќи тој нема контакт со другата ќерка, односно не му е дозволено да го види своето друго дете, поради што во случајот морал да се вклучи Центарот за социјални работи. Во Центарот за социјални работи викнати биле мајката на Вања Ѓорчевска, таткото Александар и сестрата на Александар.

 

Во средина Александар Ѓорчевски, татко на Вања Ѓорчевска, десно Владимир Туфегџиќ негов бранител, Врховен суд / Фото Слободан Ѓуриќ „Слободен печат“

Дополнително, како што истакна Туфегџиќ пред Врховниот суд, на Александар Ѓорчевски му била вршена и тортура за што постоеле материјални докази во форма на медицински извештаи од Торакалната клиника. За ова Хелсиншкиот комитет за човекови права извршил и разговор со Ѓорчевски. Адвокатот побара да се намали трагедијата која ја поминува осомничениот, а која добива драматични размери.

Трагичната судбина на овој човек, покрај тоа што го има загубено детето, е во добра мерка инспирирана од несреќната и непрофесионална прес-конференција на тогашниот министер за внатрешни работи кој изнесе непроверени наводи, кои во јавноста беа пласирани во форма на обвинение и осудителна пресуда, без да се води сметка за пресумпцијата на невиност. Сето тоа личи како да е кажано крајно невнимателно и во добра мерка улога во таа работа за жал имаат и некои луѓе кои биле дел од владејачката структура. Биле и пратеници кои на своите Фејсбук профили веднаш се приклучија и ги поддржаа наводите што тогаш ги кажа министерот за внатрешни работи, рече адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ.

Тој денеска пред Врховниот суд истакна дека мерката притвор за Александар Ѓорчевски треба да се укине, затоа што нема опасност дека тој ќе избега – важноста на пасошот му истекла. Туфегџиќ рече дека Ѓорчевски не би можел ниту да го повтори кривичното дело затоа што ни првиот пат не го извршил.

-Не е основано дека тој би бегал, зашто тој живее за тоа предметот да се заврши поради трагичните последици што ги чувствува и тој и неговото семејство, додаде Туфегџиќ.

Александар Ѓорчевски, татко на Вања Ѓорчевска, Врховен суд / Фото – Слободан Ѓуриќ, „Слободен печат“

Исто така, адвокатот додаде дека таткото на Вања, неодамна на барање на јавен обвинител помогнал од притвор, на начин што активирал мобилен телефон врз кој требало да се врши вештачење, ја предал лозинката на истражните органи и дал корисни и вредни информации што ќе помогнат во вештачењето.

Александар Ѓорчевски, татко на Вања Ѓорчевска Врховен суд / Фото Слободан Ѓуриќ „Слободен печат“

Врховниот суд одржа јавна седница по жалбата на осомничениот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, против решението на Апелацискиот суд Скопје за мерката притвор. Со тоа решение неговиот притвор се продолжува до 3 мај. Обвинителството смета дека се додека се преземаат истражни мерки за расветлување на случајот со убиената Вања Ѓорчевска, постои опасност осомничениот Ѓорчевски да избега или да го повтори делото. Врховниот суд ќе донесе одлука дали притворот ќе продолжи или ќе биде укинат и потоа ќе ја соопшти својата одлука.

Таткото на Вања нема контакт со другата ќерка: Не сум веќе ни родител, ни татко – ехо од човек остана од мене

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот