БАЕР ИТА КОН ИСТОРИСКА ТРОЈНА КРУНА ОТКАКО ГО СОБОРИ РЕКОРДОТ НА БЕНФИКА ОД 48 МЕЧА ПО РЕД БЕЗ ПОРАЗ

Лондон, (Би-Би-Си)

Баер Леверкузен продолжува да испишува историја. Тимот на Чаби Алонсо прво ја прекина 11-годишната доминација на Баерн во Бундеслигата, се пласираше во своето прво европско финале по повеќе од две децении и сега ја има најдолгата низа без пораз во европскиот клупски фудбал.

По вчерашното реми со Рома во полуфиналето на Лига Европа, Баер е непоразен на 49 меча по ред во сите натпреварувања. Со тоа го надмина рекордот на Бенфика, кој траеше од декември 1963 до февруари 1965. На третото место се сериите на Динамо Загреб и Риека од 45 меча без пораз.

Ако издржи уште четири натпревари, Баер ќе го оствари едно од најголемите постигнувања во историјата на фудбалот: освојување тројна круна без пораз. Првата титула во Бундеслигата е обезбедена, Баер ќе биде фаворит против второлигашот Кајзерслаутерн во финалето на германскиот куп, а за трофејот на Лига Европа ќе се бори против Аталанта.

„Никогаш не нѐ отпишувајте, ни за секунда. Никој не се предава. Тимот има голема желба и не сакаме да запреме“, вели плејмејкерот Гранит Џака.

Тројна круна без пораз има освоено шкотски Селтик во 2016/17, но на домашната сцена, додека Ајакс во 1994/95 ги освои холандското првенство и Лигата на шампионите без пораз, но изгуби во домашниот куп.

(Фото: ДПА)