Дипломатскиот форум во Анталија (АДФ), што ќе се одржи од 11 до 13 април, ќе се фокусира на потребата да се наметне дипломатијата како стабилизирачка сила во услови на глобална поделба и геополитички конфликти. На форумот ќе учествуваат високи политичари, дипломати, научници и други поединци од околу 140 земји, пишува „Хуриет дејли њуз“.
Четвртото издание на форумот ќе се одржи под мотото „Враќање на дипломатијата во фрагментиран свет“ под покровителство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, а домаќини на настанот ќе бидат Министерството за надворешни работи на Турција и министерот за надворешни работи Хакан Фидан.
Ердоган и Фидан ќе одржат воведни говори на 11 април, кога ќе започне тридневниот форум. Двајцата ќе остварат и билатерални средби со нивни колеги.
„Гледаме дека АДФ станува глобален форум. Испративме покани до речиси сите земји и претставници од повеќе од 140 земји ќе учествуваат на овогодинешниот форум“, изјави Јонџа Гундуз Озчери, еден од координаторите на форумот.
„Ова е многу добра вест бидејќи ја покажува силната способност на Турција да ги обединува земјите низ целиот свет“, додаде таа, споредувајќи ја АДФ со „мало Генерално собрание на ОН“.
Осумнаесет шефови на држави и влади и над 60 министри за надворешни работи веќе го потврдија своето учество, но нивниот број може да се зголеми следната недела, наведува весникот. На форумот ќе присуствуваат и собраниски спикери, генерални секретари на меѓународни организации, научници, експерти и студенти