За ВМРО-ДПМНЕ Сиљановска е сигурен победник во вториот круг, а претседателот Пендаровски гледа шанса во поголемиот одзив на 8 мај

Претседателски избори 2024 / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

По убедливото двојно водство со над 180.000 гласа разлика на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, професорката и пратеничката Гордана Сиљановска Давкова пред актуелниот претседател Стево Пендаровски кој, поддржан од владејачката СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ освои само 180.306 гласа, од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат гласовите за Силјановска Давкова дополнително да се зголемат во вториот круг на 8 мај. На контото на Сиљановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ ги очекуваат гласовите на претседателските кандидати кои не поминаа во вториот круг, со оглед, како што велат, дека тоа се гласови на опозициски расположени гласачи, а дополнително зголемување очекуваа и со оглед дека на 8 мај се одржуваат и парламентарни избори, кога одзивот на гласачите традиционално е поголем.

По првиот круг ниту еден од кандидатите што не поминаа не ги повика своите гласачи да дадат поддршка за некој од кандидатите во вториот круг, но не е исклучено тоа да се случи до 8 мај. Кандидатите генерално изјавија дека нивните поддржувачи својот глас во вториот круг од претседателските избори можат да го искористат според сопствената волја и убедување.

Според резултатите на Државната изборна комисија Сиљановска Давкова освои 362.682 гласа (19,93%), Пендаровски 180.306 (19,93%), кандидатот на Европски фронт Бујар Османи освои 120.903 гласа (13,36%), Максим Димитриевски од ЗНАМ 83.787 гласа (9,26%), кандидатот на албанската опозиција Арбен Таравари 83.356 гласа (9,21), а кандидатот на Левица Билјана Ванковска Цветковска освои 41.172 гласа (4,55%). Куриозитет на овие избори е резултатот на кандидатот Стевчо Јакимовски, кој за кандидатурата собра над 10.000 потписи, а на гласањето само 8.103 гласа, при што во Карпош, каде што е градоначалник, освои само 2.143 гласа.

Ранѓеловиќ: Големите победи носат големи одговорности

Според политикологот Иво Ранѓеловиќ пораката од изборните резултати е јасна и исклучително важна, во сите контексти.

– СДСМ ја доби власта на тацна што се вели и успеа да прокоцка гласачко тело кое брои 300.000 граѓани. Поминаа цела деценија во опозиција за да излезат со најслабиот тим, веројатно од постоењето на партијата. Причините? Неиспорачаната правда, односно неуспехот во процесуирањето на судските случаи кои се однесуваат на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, промената на името на државата без опиплива полза во однос на ЕУ интеграцијата, манипулациите и уценувањата од Бугарија, се само дел од точките кои го предничат овој бран на пад. Ако на ова ги надодадеме короната и корупцијата, дебаклот е неминовен. Сепак, би напомнал и дека меѓународната заедница ја пушти СДСМ низ вода, која го сноси поголемиот дел од вината за неотворање на преговорите со Брисел, особено после Преспа – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Тој анализира дека ВМРО-ДПМНЕ „го собрал“ гневот на Македонецот кон целокупното владеење на СДСМ, но и чувството на потчинетост кон Албанците во земјава и партијата успешно го процесуираше во својата кампања.

– Условно речено, Македонците сакаа и покажаа кој е кој во државава, во првиот круг. Но, големите победи сносат и големи одговорности, така што комплексноста на евентуалното владеење на оваа партија визави предизвиците, нема да биде со таков комфор. ЗНАМ го привлече истиот тој гнев кај Македонецот, зачинет со синтагмата „трета опција“ или нешто ново, за што објективно граѓаните чекаат со години. Димитриевски всушност покажа што значи СДСМ без него, но и дека оваа традиција на фрагментација ја носи партијата во пропаст. Од Левица се очекуваше многу повеќе, но јавноста гледа слаб кандидат во нивниот избор и тука некаде треба да се бараат причините. Парламентарните избори би требало да донесат значително подобар резултат за оваа партија, која при таков резултат би можела да биде и клучна за формирање влада – вели Ранѓеловиќ.

Иво Ранѓеловиќ/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

За резултатите во албанскиот блок, каде коалицијата на ДУИ победи во речиси сите општини, Ранѓеловиќ вели дека ДУИ може да падне само при формирање на влада, а да падне на избори е мисловна именка.

– Никогаш не ја исклучувајте и можноста ВМРО-ДПМНЕ повторно да коалицира со ДУИ, иако јасно е дека приоритет ќе се даде на „Вреди“. Сигурно дека ДУИ ќе тактизира и ќе се пазари за своите гласови во вториот круг за претседател, додека бојкот е надвор од секоја логика. Голема победа ќе биде и за ВМРО-ДПМНЕ, а особено за „Вреди“, доколку ДУИ биде исфрлен од игра, но доколку пак „Вреди“ не испорача уставни измени, постоењето на таа коалицијата завршува тука – вели Ранѓеловиќ.

„Забавата“ продолжува до 8 мај

Претседателот Пендаровски по првиот круг изјави дека веднаш ќе продолжи со средби со граѓаните за да го промовира концептот за држава интегрирана во Европа, во кој длабоко верува и ги охрабри граѓаните кои не гласале во првиот круг да излезат во вториот круг. Тој додаде и дека нема да бара договор со другите кандидати за да ги преземе нивните гласови.

Но, според Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, разликата на Сиљановска Давкова над Пендаровски не може да се надомести.

– Јасно е дека мнозинство граѓани гласаа против коруптивните практики на оваа власт. Тенденцијата на гласовите е таа, а ова е разлика која ниту теоретски не може да се надомести. Убедени сме дека ќе расте поддршката за професорката Гордана Сиљановска Давкова, пред сè затоа што мнозинството гласачи изразија јасна опозициска определба, а дополнително, направена е разлика во гласови што не е видена одамна. Граѓаните препознаа надеж и пат кон подобра иднина – рече Муцунски.

Во врска со гласовите дадени за кандидатите Максим Димитриевски и Билјана Ванковска Цветковска Муцунски рече дека тие гласачи можеле да се определат и за Стево Пендаровски, ама не го сториле тоа.

– Тие граѓани се определиле за опозициски кандидати кои беа крајно критични кон оваа власт и дејствуваа опозициски. По логиката на нештата верувам дека ќе го дадат гласот за Силјановска, но, тоа сепак, е нивно индивидуално право – рече Муцунски.

Во албанскиот политички блок интересно е што доколу коалицијата „Вреди“ не го кандидираше Таравари, кандидатот Османи ќе влезеше во вториот круг, што би било за прв пат во историјата етнички Албанец да влезе во втор круг на претседателските избори. Османи и Таравари заедно освоија нешто над 203.000 гласа, што е подобар резултат од оној на Пендаровски.

Од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ велат дека сè уште не дискутирале за поддршка за кандидат за вториот круг.

– Не е дискутирано за тоа. Јас лично не би гласал ниту за едниот ниту за другиот, оти Македонците не се спремни да гласаат за Албанец. Сепак одлуката ќе ја донесе Европскиот фронт – рече Скендер Реџепи од Европски фронт.

Аналитичарот Ранѓеловиќ за тоа што никој не ги повика своите гласачи како да гласаат во вториот круг вели дека никогаш и не го оправдувал повикувањето на гласачите и делењето директиви како да гласаат.

– Секој човек има право на свое мислење и, што е поважно, право да се предомисли. Повикувањето на гласачи да дадат поддршка на одреден кандидат е исто толку некредибилно и штетно колку што е и тргувањето. За жал, тргувањето е неизбежна алатка во политиката на оваа држава – вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот