Пендаровски: ВМРО-ДПМНЕ не ја заслужува нашата доверба затоа што се истите најблиски соработници на Никола Груевски

Стево Пендаровски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Доколку некој се најде во дилема за кого да гласа на избори дека треба да има предвид дека СДСМ е целосна спротивност од опозицијата, порача вечерва претседателот Стево Пендаровски на митинг со граѓаните во Гази Баба.

– Во моите изминати пет години ние сме имале и грешки, но тука е разликата, сите кои го прекршиле законот се соочија со законот и дел од нив се или во затвор или во притвор. Не се памети еден случај на вмровски активен функционер кога беше режимот дека отишол да лежи во затвор или во притвор. Ние тоа го направивме – потенцираше Пендаровски.

Тој рече дека опозицијата во 2017 организираше насилен бунт со цел во Собранието да не ја предадат власта на оние кои ја добија на легитимни и демократски избори.

– Организираа толпа насилници кои влегоа во парламентот да ги тепаат своите колеги пратеници. Некои од нив едвај жива глава спасија. Беа на граница на живот и смрт. Ние тоа не сме помислиле да го направиме. Немаме кратко паметење – заклучи Пендаровски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не ја заслужува  довербата затоа што се истите тие по име и презиме кои беа најблиски соработници со Никола Груевски.

– Тоа се децата на Груевски кои знаат само на таков начин да владеат. Сè е исто. Генералниот секретар на таа партија е сега претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски беше прв до Груевски, Антонио Милошоски беше прв до Груевски, тие луѓе сега сакаат да добијат нова шанса да ја водат Македонија. На своја кожа осетивме дека ако не си член на ВМРО-ДПМНЕ не можеш да се вработиш, не можеш да напредуваш во администрацијата, ако имаш приватен бизнис, а не си од нивните ќе ти го сотрат бизнисот – порача Пендаровски на митингот.

Тој додаде дека СДСМ никогаш не правело такви работи, за никого.

– Во моите пет години не постои човек кој може да каже дека бил привилегиран затоа што ме гласа или дека бил деградиран затоа што не ме гласал. Сум примал и вмровци и сум помагал и на луѓе кои биле директно и јавно против мене. Ќе продолжам да го правам тоа и во следните пет години ако ја добијам вашата доверба, затоа што сите вие сте мои, јас сум ваш и затоа слоганот е „Нашиот претседател“ – рече Пендаровски.

Тој посочи дека од исклучителна важност е масовна политичка мобилизираност на првиот круг затоа што резултатот од првиот круг ќе покаже какви ќе бидат резултатите и на 8 мај.

– Ако сме во сигурно мнозинство, тоа е олеснителна околност на 8 мај да ја дозавршиме работата. Да не дозволиме рециклажа на режимот, враќање на мрачното минато, бидејќи само ова е патот кој Македонија ваква каква што е мултикултурна, мултиетничка може да просперира – заклучи Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот