logo
logo
logo

16 септември ДЕН НА МАКЕДОНСКО НАСЛЕДСТВО ВО ЊУЈОРК

Vecer | 16.09.2023

16 септември ДЕН НА МАКЕДОНСКО НАСЛЕДСТВО ВО ЊУЈОРК

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс ја прогласи оваа сабота, 16 септември, за ден на македонското наследство. Тој, заедно со македонската заедница во Њујорк, денес ќе го крене македонското знаме на настан во Менхетн, по повод 32 години од независноста на Македонија, jaви Гласот на Америка.

„Македонските Американци ќе продолжат да играат клучна улога како што преземаме цврсти чекори да го придвижиме нашиот глобален град напред“, рече градоначалникот Адамс во известувањето.

Тој рече дека во Њујорк „нашите македонски сестри и браќа го промовираат нивното богато наследство и прават позитивна разлика“.

Оваа недела градоначалникот на Чикаго Брендон Џонсон го прогласи септември за месец на македонско-американското наследство, откако неодамна и гувернерката на Мичиген Гречен Витмер повика македонската култура да се слави во оваа сојузна држава во текот на септември.

Македонската култура месецов се слави и во градот Рејнолдсберг, Охајо, каде градските власти најавија дека македонското знаме ќе се вее пред општината до крајот на септември.

Во јули годинава, пак, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Гласот на Америка на македонски ja контактираше канцеларијата на сенаторот Брон за статусот на оваа резолуција во моментов, но оттаму се уште нема одговор.

Овие резолуции се на барање на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk