Првиот опис што родителот обично ќе го слушне кога ќе дознае дека неговото дете е аутистично е дека детето има „постојани дефицити во социјалната комуникација и интеракцијата низ повеќе контексти – вклучувајќи дефицити во реципроцитетот, невербалната комуникација и развивањето, одржувањето и разбирањето на односите“. Ова е често првата реченица од повеќето објавени истражувачки написи за аутизмот.

Дефиницијата за аутизам се заснова на јазично изразување чиј фокус е дефицитот. Описите ретко го вклучуваат фактот дека аутизмот е поврзан со способноста да се формираат силни врски со старателите и пријателите – и дека многу деца од спектарот на аутизам уживаат во физичка игра и други социјални активности. Нашиот дијагностички прирачник, на сличен начин, не споменува дека аутизмот често е поврзан со способноста на тие деца да научат да читаат уште на рана возраст, да запаметат факти и да посветат исклучително внимание на деталите, меѓу другите вештини. Тие моменти се споменуваат откако ќе се опишат „основните дефицити“ поврзани со аутизмот. Какво е влијанието на овој наратив фокусиран на дефицитот врз нашиот концепт за аутизам и како се перципираат и третираат аутистичните лица?

Трабијан Шортерс го измислил терминот „рамка на средства“ како наратив што ги дефинира луѓето според нивните способности, пред да ги опише нивните предизвици и оштетувања. Таа рамка не е наменета да ги минимизира предизвиците и тешкотиите што ги доживуваат тие луѓе, туку повеќе да го промени нашиот начин на размислување за да го нагласиме позитивниот потенцијал и аспирациите на една личност, пред да ги разгледаме нејзините тешкотии. Некои тешкотии поврзани со аутизмот – како што се предизвиците со навигацијата во социјализирањето – се другата страна на силата, како што е исклучителната вештина во разбирањето на физичкиот свет.

Фокусирањето на дефицитите, како на прв или единствен приоритет, е поврзано со стигматизирањето и има тенденција да ја намали нашата способност да ги согледаме способностите и позитивните атрибути на поединецот. Како што истакнува Шортерс, тоа е така затоа што асоцијативниот ум лесно бара информации што се во согласност со наративот што сме го создале – и има тенденција да ги игнорира или минимизира информациите што не се во согласност со тој наратив. Штом се формира негативен наратив, асоцијативниот ум автоматски и несвесно бара податоци што ја потврдуваат таа гледна точка и посветува помалку внимание на податоците што го побиваат.

Шортерс сака да помогне во преобликувањето на наративот што ги дефинира луѓето со аутизам и другите стигматизирани групи. Тој забележува дека непрофитните организации често ги дефинираат своите мисии врз основа на јазик заснован на дефицит, поткопувајќи ја позитивната порака за надеж и аспирација. Употребата на фраза како „решавање на пречките за исполнување на нечиј потенцијал“ создава различен сет на асоцијации, исполнети со оптимизам и позитивни очекувања. Поважно е дека оваа промена во рамката не ги минимизира предизвиците или не сугерира оти не се потребни помош и поддршка. Наместо тоа, ја проширува нашата имагинација за да предвидиме пошироки и попозитивни исходи.

Можеме да ја искористиме моќта на ова преобликување со дефинирање на аутистичните лица според нивните силни страни и придонеси, пред да ги опишеме нивните предизвици и оштетувања. Оваа когнитивна вештина го поттикнува умот да бара позитивни асоцијации, како и да го реконструира начинот на кој ги разбираме и судиме предизвикувачките однесувања што ги прикажува личноста со аутизам. На пример, кога детето со аутизам ќе има тешкотии кога од него ќе биде побарано да направи нешто што е надвор од неговата вообичаена рутина, моделот на дефицит би го сметал ова однесување како потврда на дијагностичката дефиниција на аутизмот: „нефлексибилно придржување кон рутините“. Меѓутоа, ако прво земеме предвид дека предноста на аутистичните луѓе е тоа што тие напредуваат според воведениот ред и рутината, веројатно ќе разбереме дека детето ќе биде посреќно ако однапред го известиме за каква било промена во рутината.

Неодамна разговарав со колега за негово истражување за аутизмот и препознавањето лица. Многу објавени студии покажале дека аутистите често имаат тешкотии да препознаат познати лица, за разлика од лицата што немаат аутизам. Аутистите имаат тенденција да се фокусираат на поединечните компоненти на лицето, додека неаутистите имаат тенденција да користат похолистички пристап што го олеснува препознавањето на лицето. Овие студии често информираат дека послабите способности за препознавање лица се во корелација со позначајни тешкотии во интеракцијата со луѓето.

Како што споменав, аутистите имаат тенденција да се фокусираат повеќе на индивидуалните карактеристики на лицето. Интересно е тоа што кога оваа единствена стратегија за визуелна обработка се користи во други контексти, како што е решавање визуелни загатки, аутистите се супериорни во однос на неаутистите. На пример, аутистичните луѓе имаат тенденција да добиваат исклучително високи резултати на визуелно-просторни задачи, кои се дел од повеќето тестови за интелигенција. Уште на возраст од 9 месеци, откриено е дека доенчињата на кои подоцна им е дијагностициран аутизам имаат супериорни вештини за визуелно пребарување. Така, уникатните вештини за визуелна обработка на аутистите се поволни во одредени контексти – и всушност помагаат да се објасни зошто некои аутисти добро се снаоѓаат во областите како што се математиката и инженерството.

Овој пристап заснован на силни страни моментално се користи за развој на програми во заедницата, дизајнирани да ги поддржат аутистичните адолесценти во развивањето интереси и вештини во науката, технологијата, инженерството, уметноста и математиката. Една неодамнешна студија покажала дека програмата за заедницата базирана на силните страни на аутистичните лица има позитивно влијание врз здравјето и благосостојбата на адолесцентите, како и врз социјалните односи и интеракции, самодовербата и чувството за припадност.

Начинот на кој ги опишуваме луѓето е важен затоа што нашите зборови формираат моќен наратив кој може или да ги прошири или да ги минимизира нашите очекувања и верувања за потенцијалните способности, аспирации и придонеси на една личност во општеството.

Ајде да го промениме наративот за аутизмот со примена на рамката за истакнување на позитивните страни во нашите разговори, публикации и други поставки, дефинирајќи ги аутистичните лица според нивните силни страни, пред да ги опишеме нивните предизвици и тешкотии.

Автор: Џералдин Досон

Извор



912

X