
Федералната полиција формираше специјална единица задолжена да ги запре насилните напади врз возилата Тесла низ САД. ФБИ ги третира инцидентите како „домашен тероризам“, дело за кое може да се добие и казна од 20 години затвор.
Во текот на март биле уништени или оштетени вкупно 48 возила Тесла во девет сојузни држави. Нападите не се само обични вандализирања и гребнатинки. Имало пукања, грабежи, палења, дури и фрлање молотови коктели врз станици за напојување со струја.
Нападите се сметаат за протест против сопственикот на Тесла, Илон Маск, особено откако стана шеф на одделението за ефикасност и е одговорен за отпуштања на десетици илјади јавни службеници од федералната администрација.
Ова е домашен тероризам. Одговорните ќе бидат гонети, фатени и изведени пред суд, изјави директорот на ФБИ, Каш Пател.
Вандалските чинови за тероризам ги сметаат и јавната обвинителка Пам Бонди, како и Илон Маск.
Во штабот на новиот тим на ФБИ во Сан Антонио, Тексас, ќе има десет специјалци и аналитичари од повеќе агенции, вклучувајќи ги Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви (АТФ) и Министерството за правда.
Досегашната истрага укажува дека вандализирањата не се спонтан израз на незадоволство од Маск. Многу случаи прилегаат еден на друг, поради што се смета дека насилната акција е организирана и координирана.
Специјални безбедносни мерки се планираат за в сабота, за кога е најавен масовен протест против Тесла на повеќе од 500 локации низ Америка. Агенти ги следат сите најави за организацијата, како и активностите на проанархистичките блогови и канали на социјалните мрежи.
Федералната полиција упати апел до сопствениците на Тесла да бидат внимателни и да ги заштитат подобро своите возила преку ноќ, кога се извршени повеќето напади. Предупредени се и салоните за продажба на возила, како и станиците за напојување со струја.
Забележани се и првите контранапади врз протести против Тесла. Минатата недела на Флорида џип се качил на тротоар и се упатил кон група демонстранти, но не удрил никого.