ОД МОЦАРТ ДО ТРАДИЦИОНАЛНА МУЗИКА – БОГАТ КОНЦЕРТ НА ОРКЕСТРИТЕ НА „ЛУЈ“ СО МАЕСТРО ЛЕ ФИ ФИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Оркестрите на средното музичко училиште „Илија Николовски- Луј“ во Скопје сношти одржаа концерт во фоајето на Националната опера и балет. Свиреа повеќе од сто ученици од сите четири години од камерниот, дувачкиот и симфонискиот оркестар, а диригираше маестро Ле Фи Фи, кој е нивни професор.

Програмата беше интересна и разновидна, од Моцарт до Бритн, Пјацола, Бизе, Маркес, а се свиреа и дела од македонски композитори. Дувачкиот оркестар ја отсвире „Парада на дрвени солдати“ од Зоран Крагуевски, а учениците од насоката за традиционална музика и игра заедно со нивниот професор Илија Јаневски ја изведоа композицијата „Кумановска делба делиле“ инспирирана од нашата традиционална музика.

„Учениците денеска првпат свиреа во овој простор, во кој има доста ехо, инаку вежбавме во друг простор. Сите максимално се потрудија професионално да го одбработат концертот“, кажа маестро Ле Фи Фи, кој истата вечер славеше роденден.

При крајот, оркестарот му отсвире роденденска песна и го изненади со торта и подарок. Иако млади и на своите музички почетоци, учениците звучеа како вистински професионалци, а публиката ги награди со голем аплауз.

М. ЏАРОВСКА