Почна расправата во грчкиот Парламент за предлог-законот за приватните факултети

6. 03. 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Почна расправата во грчкиот Парламент за предлог-законот за приватните факултети

Предлог-законот на Министерството за образование на Грција за „Зајакнување на државниот универзитет – рамка за работа на непрофитни оддели на странски универзитети“ од денеска е на пленарна седница во грчкиот Парламент, а гласањето на пратениците се очекува да биде в петок, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката на Владата за отворање приватни факултети во Грција предизвика реакции кај дел од студентите и учениците во земјата, кои веќе два месеци секој четврток протестираат, а за в петок, на денот на гласањето е закажан нов протест, што ќе биде деветти по ред.

Реакции има и од опозициските партии, четири од нив, СИРИЗА, Комунистичката партија, Грчко решение и Победа денеска, на почетокот на расправата доставија приговори поради, како што велат, противуставност на предлог-законот, додека пак од Нова Левица им предложија на ПАСОК, СИРИЗА, ККЕ и Курс на слобода заедно да поднесат барање за недоверба на Владата.

На пленарната расправа, во изминатите денови и претходеа состаноци на Комитетот за образование и во прелиминарното гласање, единствено владејачката Нова демократија гласаше „за“ предлог-законот, додека пак шест од осум опозициски партии беа „против“.

На почетокот на февруари министерот за образование на Грција Кирјакос Пиеракакис претставувајќи го предлог-законот соопшти дека недржавните и непрофитни универзитети од септември 2025 година ќе почнат со работа, а приемот на студентите ќе се врши исклучиво преку државните испити.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во декември соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции, истакнувајќи дека станува збор за историска реформа во образованието, а од почетокот на јануари, секој четврток студентите и учениците одржуваат протести против отворањето приватни факултети и порачуваат дека високото образование мора да остане државно и бесплатно. /МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата