Линкови за пристапност

Трамп е казнет со 9.000 долари поради непочитување на судот, судијата му се закани со затвор


Поранешниот американски претседател Доналд Трамп пристигнува во Кривичниот суд на Менхетен на неговото судење за наводно прикривање на плаќања за замолчување поврзано со вонбрачни афери, во Њујорк, на 30 април 2024 година.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп пристигнува во Кривичниот суд на Менхетен на неговото судење за наводно прикривање на плаќања за замолчување поврзано со вонбрачни афери, во Њујорк, на 30 април 2024 година.

Доналд Трамп е казнет со 9.000 долари за непочитување на судот, затоа што постојано ја прекршувал забраната за коментирање на судскиот процес во јавноста, односно давање јавни изјави за сведоци, поротници и други лица поврзани со судењето во Њујорк за тајна уплата на пари на порно актерката Сторми Даниелс. Доколку го направи тоа повторно, предупреди судијата, може да биде испратен во затвор.

Обвинителите наведоа десет примери кога Трамп ја прекршил забраната за коментирање на процесот, но судијата Хуан Мерџан утврдил дека имало девет такви случаи. Така, поранешниот претседател е казнет со илјада долари за секоја од онлајн изјавите за кои Мерџан заклучил дека се кршење на забраната. Одлуката е остро предупредување за поранешниот републикански претседател, кој инсистира дека само го користи своето право на слобода на говор.

Мерџан напиша дека Трамп „со ова е предупреден дека судот нема да толерира континуирани намерни прекршувања на неговите законски наредби и дека, доколку е потребно, ќе изрече затворска казна“.

Трамп, намуртено, погледна во масата пред себе додека судијата ја читаше одлуката.

Судијата ја донесе одлуката на почетокот на втората недела од сведочењето во историскиот процес против поранешниот претседател. Обвинителите на Менхетен тврдат дека Трамп и неговите соработници се вклучиле во нелегална шема за да влијаат на претседателската кампања во 2016 година, спречувајќи негативните приказни за него да стигнат до медиумите и јавноста.

Трамп мора да ја плати казната до крајот на работниот ден во петок, наведе судијата Мерџан во писмената одлука. Тој ќе мора да отстрани седум навредливи објави од својот профил на социјалната мрежа „Трут сошл“ и две од неговата веб-страница на кампањата до вторник во 14:15 часот, додаде Мерџан.

Судијата разгледува и други наводи за прекршување на забраната за коментирање на судскиот процес од страна на Трамп, а аргументите ќе ги слушне тој четврток.

На судењето на Трамп во вторник, ќе сведочи третиот сведок на обвинителството, Гери Феро, банкар кој му помогна на поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, да ги отвори спорните сметки.

Од Трамп се бара да присуствува на судењето иако изјави дека повеќе би сакал да води кампања пред претседателските избори на 5 ноември.

Кривичниот процес е еден од четирите што се водат против Трамп, но може да биде единствениот каде што се одржа судењето и пресудата беше донесена пред изборите.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG