Македонија ќе се прости од загинатите во трагедијата во црно во четврток

Македонија ќе се прости од загинатите во трагедијата што ја зави земјава во црно во четврток, 20ти март. Точното време на погребот ќе биде соопштено дополнително, информираше денеска директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

На погребот ќе присуствува поглаварот на Македонската православна црква, г.г Стефан, а ќе има и повеќе владици од Синодот.

Црквата прави сè за овие чеда да бидат испратени на најдостоинствен начин, истакна Митрополитот на Брегалничката епархија, Иларион и повика на смирение во овие тешки мигови за целата држава. 

Денес со почеток од 17 часот во сите храмови се врши молебен за покој на душите на починатите во големата несреќа во дискотеката на смртта, а исто така и молитва за побрзо опоравување на повредените. Веќе од 18 часот, пак се најавени протести во повеќе градови ширум земјата, со цел искажување на незадоволството од големата трагедија во која животот го загубија 59 млади лица.

Министерството за внатрешни работи излезе со известување до граѓаните дека овие денови има зголемено присуство на полициски службеници на територија на цела држава, особено во градот Кочани и дека зголемениот број на полициски службеници е поради извршување на службени активности и обезбедување на документација од општината, а не заради попречување на граѓаните во нивното загарантирано со Устав право на собирање и одржување на протест, велат од МВР, од каде апелираат до граѓаните сите собирања и протести да се одржат во мирна атмосфера.