Реј Џордан (10) си играл со другарите и за малку ќе го загубил животот поради пиење прекумерна количина вода. „Не можеше да ја контролира главата, рацете или што било друго. Сите моторни функции му престанаа”, рекол неговиот татко.

Момчето од Јужна Каролина итно било пренесено во болница откако испило шест шишиња вода за помалку од еден час. По еден час откако ја испил сета таа вода, почнале застрашувачките симптоми, поради кои неговите родители стравувале за неговиот живот.

Не е јасно колку големи биле шишињата вода што ги испил Реј. За среќа, момчето целосно закрепнало, но неговите родители сакаат оваа приказна да послужи како предупредување за другите за опасностите во текот на летните месеци.

Родителите на Реј изјавиле дека неколку часа пред хоспитализацијата, момчето се забавувало со своите роднини, „трчајќи низ куќата и скокајќи на трамбулина“. Но, како што рекла неговата мајка Стејси, тој на крајот бил жеден и истрчал во куќата да се напие вода.

„Не знам колку испи“, рекла Стејси, која дури подоцна открила дека момчето испило шест шишиња вода од 20:30 до 21:30 часот. За еден час му се слошило, а неговиот татко Џеф рекол дека не можел да ги контролира главата, рацете или што било друго.

Состојбата на Реј изгледала како да се влошува, а тој изгледал „како да е дрогиран, пијан, дури и ментално растроен“. Се појавила паника, а момчето итно било пренесено во болница. Таму лекарите направиле неколку тестови и било констатирано дека боледува од „водена интоксикација“. Оваа состојба се јавува кога бубрезите не можат да поднесат голема количина вода, поради што нивото на натриум во крвта паѓа на критично ниско ниво.

„Му дадоа нешто да уринира, за да ја исфрли течноста од телото, бидејќи почна да добива отоци околу мозокот – затоа главата толку многу го болеше“, рекла мајката на момчето, Стејси.

По уште неколку процедури, вклучително и регулирање на крвта со дози на натриум и калиум, момчето „се разбудило“, рекла неговата мајка. Кога дошол при свест, прашал што се случува и каде е. Неговите родители со олеснување велат дека тој целосно закрепнал и нема никакви последици. Сепак, тие сакале да ја споделат оваа приказна со јавноста за да ги предупредат другите за тоа што може да се случи.

„Никогаш не ми паднало на памет дека премногу вода може да биде опасно“, велат родителите. Додаваат и дека кризата можела да се избегне доколку момчето пиело специјални спортски пијалаци наместо обична вода, т.н. изотонични пијалаци кои содржат јаглехидрати и електролити кои обезбедуваат доволна количина на натриум во крвта. Затоа, здравствените работници препорачуваат наизменично консумирање вода и изотонични пијалаци за време на многу топлите денови за да се спречи дехидрација.

Извор



912

X