Неупотребата на придавката „Северна“ ќе значи жесток одговор од Атина

Прв испит за односите Скопје - Атина во недела, Грција ќе ја следи инаугурацијата на Силјановска Давкова на 12 мај, дали шефицата на државата ќе го употребува новото уставно име или ќе се држи до ветувањата од предизборието - без придавката Северна.

Ова го порачува професор Јоанис Армаколас, експерт за меѓународна политика, во разговор за телевизија 24. Скопје да се подготви за жесток одговор.

- Кога станува збор за инаугурацијата за новиот претседател во недела, сметам дека Грција ќе следи да види, дали за време на протоколот на церемонијата, ќе се користи уставното име на земјата, или новиот претседател ќе го користи старото име на земјата. Тоа ќе биде нешто што грчката влада ќе го следи и сигурен сум дека ќе има реакции. - вели проф. Иоанис Армаколас од грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП.

Армаколас не очекува веднаш вето врз македонските преговори со ЕУ, но тврди дека од политичката волја на македонската страна за користење на Северна, зависи дали ќе се влошат односите.

- Не очекувам ескалација многу брзо. Но на крајот, ако нема заеднички јазик помеѓу двете страни и грчката страна види дека новите власти немаат волја да го користат уставното име на земјата, мислам дека може да имаме ескалација, што на крајот може да доведе до нови блокади во пристапниот процес кон ЕУ. Не можам со сигурност да ја исклучам оваа можност. - вели проф. Армаколас.

Додека грчката Влада засега молчи, опозиционата Сириза, во чие владеење се потпиша Преспанскиот договор, денеска, со остар допис, до колегите од Неа Демократија. Бара да го напуштат пасивниот став и веднаш, мобилизација на сите дипломатски средства на меѓународно и европско ниво за да се почитува употребата на Северна Македонија.

„Потсетуваме дека овие средства вклучуваат и замрзнување на интегративната перспектива на соседната земја, како и активирање од САД на законот усвоен во јуни 2021 година, што предвидува санкции во случај на оспорување/прекршување на Договорот од Преспа“. велат од Сириза.

Инаку новата шефица на државата Силјановска Давкова, за време на предизборната кампања, и во обраќањата и за време на дебатите, постојано повторуваше дека нема да го користи новото уставно име на државата, а придавката Северна нема да се најде во нејзиниот речник.