Полицајците во прилепскиот затвор излегоа на протест

Алармантна е ситуацијата во прилепскиот затвор каде загрозена е безбедноста на вработените поради десеттината префрлени затвореници од висок ризик од затворот Идризово, посочија денеска вработените во Прилепскиот затвор кои излегоа на 2 часовен протест за да го искажат својот револт поради, како што велат недостигот на затворска полиција, крајно тешките услови за работа, но и влошената безбедносна состојба.

Во Прилепскиот затвор моментално има 54 вработени затворски полицајци,  а според стандардите, треба да се двојно повеќе, но дел од вработените кои од страв и неможност да одговорат на потребата за обезбедување се веќе на боледување и избегнуваат извршување на работните задачи, додека останатата половина од вработените се оставени на милост и немилост. 

Затворските полицајци, членови на Независниот синдикат на полицијата веќе реагирале до Управата за извршување на санкции и разговарале со директорот на затворот, но, како што велат, тој се оградил како ненадлежен за решавање на проблемот.

Го известиле и министерот за правда за ситуацијата, но досега не добиле никаков одговор. Велат дека не отстапуваат од своите барања и затоа ќе продолжат да протестираат секој ден од 12 до 14 часот.