Нема повеќе давање брзи кредити на слепо - донесен правилник за кредитен ризик

Повеќе нема издавање брз кредит без физичко присуство на клиентот што го бара. Ќе се одобруваат само со лично присуство и ако има можност да се отплатат. Финансиските друштва нема веќе да може да даваат брз кредит онлајн, само со фотографии од лична карта која може да биде украдена или најдена откако некој ја изгубил.

Ќе мора со строга идентификација на барателот и со негово задолжително физичко присуство, ако сака парите да бидат уплатени директно во некоја продавница. Ако пак барателот ги прима парите на своја жиро сметка, тоа ќе оди со електронска проверка, со строго утврдена процедура со закон. Започна примената на Правилникот за утврдување кредитен ризик, кој го донесе Министерството за финансии.

Народниот правобранител во повеќе наврати изминатиот период алармираше дека е потребна засилена контрола при издавањето брзи кредити, со оглед на тоа дека бројни граѓани се жртви на измами и често мораат со големи камати да плаќаат туѓи долгови. Зибери, во гостување на Студио 10 на ТВ 24, вели и дека се преплавени со претставки од измамени граѓани.

Инаку, финансиските друштва за брзи кредити, кои со години никој не ги контролираше како и кому ги даваат парите, станаа кошмар за многу граѓани, кои иако никогаш не зеле таков кредит да добијат известување дека треба да враќаат суми со високи лихварски казни за неплатен долг. Најчесто ваквите измами се од блиски луѓе, пријатели, роднини, па дури и од кругот на фамилијата. Некои од нив, плашејќи се од тужби и извршители ги враќаат кредитите, иако парите ги земал друг, крадејќи им го името и матичниот број.