Годинава наградата „7 ми септември“ за тројца кавадарчани
30-08-2023 РЕГИОН

По повод денот на ослободувањето на Кавадарци, 7 - ми септември и оваа година ќе биде доделена највисоката општинска награда. На 31-та седница советот ја потврди одлуката на комисијата за празници и манифестации.

 

Годинава наградата 7 ми септември на свечената седница на совет ќе ја добијат д-р Перо Пењушков за придонес  во културата, Перо Ангелов во областа на спортот и проф. д-р Димитар Ангелков во областа на иновативното творештво.

 

Советот на денешната седница расправаше и по измените на програмата за манифестацијата Тиквешки гроздобер. Градоначалникот Митко Јанчев порача да се покажеме како добри домаќини и оваа година. Советникот Вуко Мелов забележа дека квалитетот на карневалското дефиле минатата година бил послаб, а праша и зошто иста компанија се избира секоја година за да ја организира манифестацијата. Јанчев одговори дека „Иноватива груп“ е избрана на тендер, а имало и други понуди.

 

„12 милиони денари кошта целиот тиквешки гроздобер, а општина Кавадарци партиципира со околу 45%, а останатите средства се обезбедени од донации од компании. Последните 6 години манифестацијата е на едно високо ниво и посетеноста е голема“ рече Јанчев.

 

Претседателот на советот д-р Стојанчо Рамов апелираше  политиката да не се меша во вакви настани, да се манифестира единство. Во дискусиите на советниците се порача да се даде поголема поддршка на локални бендови на манифестацијата Тиквешки гроздобер.

 

Советот донесе одлука, работното време на угостителските објекти на подрачјето на Општина Кавадарци, во деновите 08,09 и 10.септември годинава,  за време на одржувањето на тиквешкиот гроздобер  се продолжува за два часа. Исто така се донесе одлука и за преместување на спомен обележјето на Страшо Пинџур од кругот на поранешниот  ДИК во село Ваташа.

 

На седницата се разгледа и едногласно усвои елаборатот за проценка на материјална штета за не наводнети земјоделски површини предизвикани од хаваријата на сифонот Макарија. СОветниците дебатираа околу состојбите во лозарството.  Исто така се разгледаа и едногласно усвоија годишните програми за работа на ООУ во општината, нивни годишни планови за вработување и извештаи од извршена самоевалуација.

 

Советот без дискусија го усвои известувањето за работа на оддделението за внатрешни работи Кавадарци за прво полугодие од 2023 година. Пред советниците се најдоа и извештаите за работа на ЈП Комуналец за период од 1 јануари до 30 јуни годинава и за истиот период на МХЕЦ Лукар, ЈП Мито Хаџи Василев Јасмин и ЈП Паркинг.

 

Советот го разгледа и усвои наративниот и финансиски извешај по програмата Културно лето „Го сакам Кавадарци 2023“ година.

 

А.Д



Share

Додади коментар