Мостот „Беласица“ успешно го помина „тестот“, за неколку дена ќе биде целосно во сообраќај

мост Беласица/слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Од Град Скопје повторно не одговорија зошто беше потребно да се врши второ тестирање на мостот со товарење, кога и после првото товарење оттаму информираа дека мостот е во одлична состојба и безбеден.

Се одбројуваат деновите кога мостот „Беласица“ целосно ќе се пушти во сообраќај, односно после речиси една година по него ќе се вози по сите четири ленти. Така барем велат информациите кои стигнуваат и од Град Скопје и од Институтот за сеизмички отворени градби и климатски промени, откако по втор пат беше извршено тестирање на мостот, овој пат со камиони натоварени со товар од 208 тони.

Директорот на ИСОГКП, Михаил Гаревски, Институт кој заедно со ЕСМ го тестираа мостот, на Фејсбук напиша – Битката за мостот „Беласица“ падна, мостот „Беласица“ не падна!

Гаревски за „Слободен печат“ потврди дека со мостот е сѐ во ред, а дека тоа го докажало и тестирањето со шест камиони натоварени со 208 тона кои биле поставени во средината на централниот распон на мостот. Тој најави дека за неколку дена ќе потпише дека мостот може целосно да се стави во употреба.

Прашање без одговор: Ако мостот „Беласица“ е безбеден, зошто би биле небезбедни работниците што работат под него?

Сличен одговор стигна и од Град Скопје, но тие од неразбирливи причини не спомнуваат дека во тестирањето учествувал и Институтот за сеизмички отворени градби и климатски промени.

 Согласно законската регулатива за ваков тип на објекти, како и според вештото мислење по започнување на поставување на новите топловодни цевки, како и за целосно пуштање на сообраќајот по сите коловозни ленти, на мостот неопходно беше да се изврши товарење со пробен статички и динамички (подвижен) товар, кое го врши ЕСМ, по што мостот ќе се пушти целосно во употреба – тврдат од Градот.

Сепак оттаму не одговорија зошто беше потребно повторно да се врши тестирање на мостот со товарење, кога и после првото товарење спроведено пред неколку месеци од Градот информираа дека мостот е во одлична состојба и безбеден, ниту зошто на него сѐ уште не се монтирани топловодните цевки.

мост Беласица/слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Пред крајот на минатата година, јавното претпријатие „Улици и патишта“ извести дека на 24 декември мостот ќе биде целосно затворен за сообраќај во двете насоки, затоа што на него ќе се изведуваат градежни активности. Но наместо градежни активности, на мостот се вршеа премери и тестирање на издржливоста на објектот под оптоварување кое го трпи мостот доколку е целосно исполнет со возила. Па така, на двете ленти во двете насоки беа поставени камиони со вкупен товар од 205 тони. Потоа следуваа анализи на податоците со кои ќе се утврди издржливоста на „Беласица“. Вакви премери и тестирања наводно биле направени и во текот на летото, но за тоа исто така немаше никаква информација до јавноста.

„Слободен печат“ уште во јануари од Град Скопје побара објаснување кој точно утврдил после тестирањето со товар дека мостот е безбеден, затоа што не беше соопштено дали била ангажирана лиценцирана фирма за испитување на мостовски конструкции, која може одговорно да потврди дека мостот е безбеден, а ЈП „Улици и патишта“ не поседува таква лиценца.

Тогаш од одговорноста се оградија и од ЕСМ.

Процената на безбедноста на сообраќајот на мостот не ја врши АД ЕСМ, од таа причина не би сакале да шпекулираме со претпоставки поврзани со безбедноста во случај на целосно пуштање на мостот во употреба. Оттука и одговорноста за безбедноста е кај институциите кои ја прават оваа проценка – одговорија оттаму.

Анализирани податоците од тестирањето на мостот „Беласица“: Мостот е во одлична состојба и безбеден за сообраќај, тврдат од Град Скопје

Како и да е, после речиси една година од пожарот на мостот што се случи на 12 мај мината година, „Беласица“ конечно повторно ќе биде целосно во сообраќај. Сепак остануваат прашањата зошто се чекаше толку долго, кога според надлежните на мостот му требаше само „козметичка санација“.

Што се однесува до поставувањето на новиот топловод под мостот, колку за потсетување – новите цевки веќе шест месеци и повеќе лежат во тревата покрај него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот