Промоција на романот „Сѐ уште можам нешто да сторам” на Фросина Пармаковска

07.02.2024 15:08
Промоција на романот „Сѐ уште можам нешто да сторам” на Фросина Пармаковска

На 8 февруари (четврток) со почеток од 19:30 часот во Културно информативен центар – Скопје, Салон 19.19, низ разговор на новинарот Васко Поппетревски со авторката Фросина Пармаковска ќе биде претставен нејзиниот најнов роман „Сѐ уште можам нешто да сторам”, во издание на издавачката куќа „Или - Или”.

„Сѐ уште можам нешто да сторам” е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење.

Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој се доминантни психологизацијата на главниот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна. Ова е роман за суштинската промена однатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со себеси, долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното, посочува издавачот.

Фросина Пармаковска е родена во Скопје, 1985 г. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии. Авторка е на романите: „Пишувајќи ги изгубените топки”, „Вишнова хроника”, „Одбројување” (роман на годината за 2017 г.) и „На враќање”. 

ОкоБоли главаВицФото