Потемкинови избори

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Фасадна демократија до недоглед, Путин до недоглед, војна до недоглед, репресија до недоглед

Како е сето тоа убаво срочено на хартија: Членот 13 од Уставот на Руската Федерација гарантира политички плурализам, а Членот 29 слобода на говорот. Во секојдневниот живот само многу храбрите граѓани се дрзнуваат да инсистираат на овие свои права.
Политичкиот плурализам се сведе на фарса. Владимир Путин се кандидираше за петти претседателски мандат како независен, а освен тројцата избрани сите други на време беа отстранети во затвори, побегнаа во странство, беа положени во гробови или им беа оневозможени кандидатурите.
Правото на слобода на говорот се обидоа да го остварат оние што на погребот на Алексеј Навални извикуваа „Русија без Путин“ или оние што последниот ден од изборите го искористија за да го исполнат тестаментот на најжестокиот критичар на режимот. „Пладнето против Путин“ го искористија за на избирачките места да изразат противење на автократијата и на војната во Украина.
Гласот на народот се слушна кога депутатите на Думата во име на граѓаните во 2020 година бараа со уставни реформи да се укине ограничувањето на два претседателски мандати и да му се овозможи на Путин, ако го заврши овој шестгодишен мандат, да стане владетел со најдолг стаж во Русија во изминатите два века.
Гласот на противниците на Путин главно не може да се слушне. Веднаш ги прогласуваат за „странски агенти“ и „предавници“, што има посебно ехо во ушите на народот, кој денес го учат дека му се закануваат нови наполеонско-хитлерски обиди на Западот да ја „уништат“ Русија.
Изборите потврдија дека и по две децении Владимир Владимирович (71) нема намера кому било да дозволи да му се приближи зад ѕидовите на Кремљ. Со моќна пропаганда, цврста контрола на медиуми и потпирање на тајните служби обезбеди во мнозинството на народот да владее уверување дека не постои алтернатива.
Без оглед на внимателно подготвената кореографија, одржувањето на изборите ја покажува желбата на Путин да сочува некаква лушпа од демократија. Затоа се појавија тројца противкандидати, иако се знаеше дека нивната функција е да бидат икебани. Путин лесно би можел да ги добие изборите како Ким Џонг-ун, ама не сака. Повеќе од 87 отсто освоени гласови е доволна мерка за неговите амбиции. Преостанатите 13 проценти ги сметаат за пристојна мера за одбрана од тоталитарноста.
На рускиот владетел му беше неопходна висока излезност, за да може да тврди дека има полн легитимитет. Успеа, откако од федералниот буџет беше извлечена рекордна сума од 248 милиони долари за покривање на трошоците на изборите и за анимирање на граѓаните. На изборите во 2018 година официјално излегле 68 од гласачите. Овој пат гласале повеќе од 77 отсто, најмногу во историјата.
Во такви избори лесно е да се предвидат резултатите, но не и последиците, па најважното прашање е што може да се очекува.
Изборите во голема мера беа референдум за „специјалната воена операција“, можност Русите да му се заблагодарат на својот лидер, кој не се плаши од Западот, уште помалку од „неонацистите“ во Киев, кој најпространата држава во светот уште повеќе ја зголеми со четири анектирани украински области што се впишани во Уставот на Федерацијата. Доби печат за продолжување на војната. За жртвите или за проблематичните одлуки на воениот врв е забрането да се говори. Со закана од затвор.
Се покажа, сепак, дека критичарите, колку и да се малку во однос на населението, е сѐ потешко да се замолкнат и да се скријат од јавноста нивните протести. Изборите беа кулминација. Многумина го прифатија повикот на вдовицата на Навални. Гробот на Алексеј, од кој властите веднаш по погребот ги отстранија венците и цвеќето, беше покриен со гласачки ливчиња.
Во авторитарните држави лесно е да се предвидат резултатите од изборите, но не и последиците.
Коментаторите за руската „РИА новости“ проценуваат дека, имајќи ја предвид постојната геополитичка ситуација во светот, приоритетни ќе бидат вложувањата во воено-технолошкиот развој. На одбраната и безбедноста веќе одат 40 отсто од буџетот за 2024 година. Ќе се работи на усовршување на хиперсоничното оружје, кое веќе се користи во Украина, на новата генерација системи за противвоздушна одбрана „с-500“. Воената индустрија ќе мора да се модернизира за да го следи зголемувањето на армијата на 1,5 милион војници.
Клучните правци на петтиот мандат на Путин се јасно дефинирани: потпирање на моќта на армијата и, во содејство во Кина, продолжување на борбата за уривање на глобалниот поредок во кој доминира Америка. За демократизација на внатрешниот живот ни збор.
На Западот постои согласност дека војната ќе трае, дека Русија го засилува трендот на милитаризација и растот на апсолутизмот. Се калкулира, сепак, дека отпорот на путинизмот постепено ќе јакне, бидејќи и изборите покажаа дека монолитот на власта има пукнатини.
Путин несомнено ја консолидираше сопствената иднина. Дури и во обраќањето по изборите првпат јавно го изговори името на Навални. Нема причини да се плаши од своите непријатели, дури ни од нивните сенки. Иако би можел да се сети на симболиката на датумот: на 17 март 1985 година романскиот диктатор Николае Чаушеску повторно беше избран со 100 отсто од гласовите во Парламентот. Четири и пол децении потоа, за време на револуцијата, го уби неговата тајна полиција.
Накратко: фасадна демократија во недоглед, Путин во недоглед, војна до недоглед, репресија до недоглед.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот